Нов извештај покажува дека 24% Европејци доцнат со плаќање сметки, и покрај подобрената економска ситуација. Младите се под најголем финансиски притисок.

По неколку години силна инфлација и раст на трошоците за живот, ценовните притисоци во Европа конечно попуштаат. Но и покрај подобрената економска клима, секој четврти Европејц и натаму не ги плаќа сметките навреме, покажува најновиот извештај на Intrum за однесувањето на европските потрошувачи, пренесува Euronews.

Иако ситуацијата е подобра од 2023 година, кога 37% доцнеле со плаќањето, фактот што 24% и натаму не ги подмируваат долговите во рок открива длабоки разлики меѓу државите и социјалните групи.

„Се гледа јасна поделба меѓу оние кои се чувствуваат финансиски сигурни и оние кои сè уште живеат од месец до месец. Голем дел од потрошувачите остануваат во ‘режим на преживување’, воздржани од вложувања или трошење, поради годините економска неизвесност“, изјави Агњешка Кункел, извршна директорка на Intrum TFI.

Големи разлики меѓу европските држави

Процентот на домаќинства кои ги плаќаат сите сметки навреме значително варира меѓу земјите.
🇪🇸 Шпанија и 🇦🇹 Австрија стојат најдобро со 83%, додека 🇬🇷 Грција е на дното со 67%.

Трајни последици од кризата со трошоците за живот

Дури 43% од Европејците изјавиле дека последните години оставиле трајни негативни последици врз нивната финансиска состојба. Најмногу се погодени младите – дури 63% од припадниците на Генерација Z велат дека доцнењето со сметките кај нив станало правило, а не исклучок.

Многу граѓани и понатаму живеат „од денес за утре“. Само 60% редовно одвојуваат пари за итни случаи, а 29% признаваат дека економските вести им предизвикуваат анксиозност.

Зошто се доцни со плаќањата?

Извештајот покажува промена и во причините за нередовно плаќање. Недостигот на средства повторно е главен фактор, и тоа особено кај младите – 52% од нив изјавиле дека едноставно немале доволно пари за да ги покријат сметките.

Дополнителен товар за младите е и т.н. аспирациски притисок. Социјалните мрежи создаваат нереални стандарди и ги туркаат младите кон задолжување за да го одржат „инфлуенсер“ стилот на живеење. Според истражувањето, 31% од младите признале дека обидот да го имитираат животниот стил на инфлуенсерите ги довел во долгови.