Се крои новата цената на струјата за домаќинствата, која ќе важи од 1 јануари 2026 година. Одлуката за новата цена на струјата најмногу ќе зависи од цената што ќе му ја понудат државните електрани, на тендер, на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“. Од Владата уверуваат дека нема да има ценовен шок за граѓаните, односно нема да се откажат од субвенционирањето и нема да дозволат да поскапи струјата за 30 до 35 проценти. И од Регулаторната комисија за енергетика велат за весникот ВЕЧЕР дека не очекуваат никаква корекција во делот што го регулира таа.

Наскоро ќе се знае дали ќе се зголемат сметките за струја од 1 јануари наредната година. ЕСМ ја достави новата цена на струјата до Владата, која на затворена седница одлучуваше дали е прифатлив предлогот на државните електрани или, пак, не е. Во моментов, ЕСМ ја продава електричната енергија за домаќинствата по 62 евра за мегават-час, која е повисока од производствената, која изнесува над 100 евра за мегават-час. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не очекува драстично зголемување на цената на струјата и ако има нагорна корекција, таа би била од еден до три проценти. И покрај барањата на Европската комисија, Владата нема да се откаже од субвенционирањето на струјата за граѓаните и нема да дозволи зголемување на цената за 30 до 35 проценти. Ако има зголемување, тоа би било минимално за разлика од земјите во регионот, каде што зголемувањето се движи од 10 до 15 отсто.

Премиерот не сакаше  јавно да ја објави цената што ја понудило ЕСМ, бидејќи, како што рече, одлуката е донесена на затворена седница на Владата и е класифициран податок.

– Ние се водиме да нема големо нарушување на стандардот на граѓаните, импликација, од друга страна, да продолжиме со субвенционирањето, бидејќи пазарната цена на електричната енергија е околу стотина евра во моментов, а за првпат се спроведува јавна набавка за цела година, не само за половина година. Така што во овој момент не можам да ја кажам цената. Но бидете сигурни дека водиме грижа за стандардот на граѓаните и продолжуваме и понатаму да ја субвенционираме електричната енергија за сите оние што ја добиваат на регулираниот пазар, а тоа се домаќинствата – изјави премиерот Мицкоски.

Од Регулаторната комисија за енергетика, која треба до крајот на месецов да донесе одлука за цената за пренос и дистрибуција на струјата, ставка што влегува во сметките за струја што ги плаќаат домаќинствата, велат за весникот ВЕЧЕР дека не очекуваат никаква корекција во овој дел.

– Деновиве ќе донесеме одлука за цените на електричната енергија, но не очекуваме никакви промени во делот што го регулираме ние. Нашиот дел во вкупната цена е 36 проценти. Инаку, цената на струјата ќе зависи од цената што му ја понудило ЕСМ, на тендер, на универзалниот снабдувач ЕВН и од количините што планира да ги обезбеди, односно дали ќе покрие 100 отсто од потребите за домаќинствата и за малите потрошувачи, како што беше случај изминатите години – изјавија од РКЕ за ВЕЧЕР.

Оваа година, тендерот за набавка на струја за домаќинствата, како што беше објавено, ќе биде годишен, што значи дека цената на струјата што ќе се донесе на крајот од декември ќе важи за цела година.

Инаку, заклучно со септември, загубите на ЕСМ се над 90 милиони евра, а потрошени се над 60 милиони евра за набавка на електрична енергија. Па останува да се види колку ќе влијаат овие набавки на новата цена на електричната енергија.