Македонски компании со европски пари вложуваат во иновации, нови машини и модернизација на производството. Четириесет и девет мали и средни фирми и претприемачи, го искористија грантот од над четири милиони евра од Европската Унија за производство и пласман на своите производи. Ги претставија на завршниот настан на проектот ЕУ за Економски раст.

Ѓорѓи Филиповски ја искористил поддршката од Европската унија за развој на стартап мобилна апликација која им овозможува на граѓаните да ги споредуваат цените во маркетите за да заштедат при пазарување.

„Ние успеавме да направиме алгоритам кој што ги собира сите производи од флаерите на маркетите од акциите и секој ден имате илјадници производи на промоција и акција. Ако купуваш на акција, ние мериме, имаш 30% помалку трошоци. Бидејќи маркетите се поставени на една раскрсница, ги имаш 3,4 различни маркети и луѓето гледаат каде е сирењето поевтино за да отидат во тој маркет“, вели Ѓорѓи Филиповски.

Една од повпечатливите е автоматската и дигитализирана машина за селекција, мерење и пакување јајца, технолошко решение кое значително го забрзува процесот и ја зголемува ефикасноста.

„Имавме машина, меѓутоа таа беше целосно застарена технологија. Оваа е целосно дигитализирана, целосно автоматизирана. Значи дава можност значи да се зголеми капацитетот на производство дупло повеќе. Дефинитивно во регионот има огромна побарувачка, посебно од Грција, прави огромен притисок затоа што Грција увезуваше многу јајца од Полска од тие земји, пошто ги нема од нив таа врши притисок на овај пазар. Албанија е поскапа од нас, Грција е поскапа, Бугарија е поскапа, Србија прв пат во историјата е поскапа од нас“, вели Абдулезел Догани.

Грантовите помогнаа и  во креирањето дигитални алатки за земјоделците. Проектот поддржан од Владата  го поздрави и министерот за економија Дурмиши. Ги охрабри компаниите да вложуваат во модерни технологии и решенија што носат одржливи резултати и производи со додадена вредност.

Завршниот настан на проектот ЕУ за Економски раст го организираше Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) како еден вид саем со 49 изложувачи, мали и средни претпријатија.