Пензионерите, од кои многумина велат дека се со минимални пензии, рекоа оти се жртви на транзицијата и додадоа дека е неправедно некои на следното покачување да земат само 700-800 денари, додека други да добијат 3-4 000 денари, доколку се врати процентуалното усогласување.
Пензионери од целата држава денеска се собраа пред Уставниот суд во Скопје на протест против можноста за престанок на линеарното зголемување на пензиите. Нивното барање е да продолжи линеарното пресметување, со цел да се намали јазот меѓу најмалите и најголемите пензии.
Протестот доаѓа откако Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој го регулира линеарното зголемување.
Од пред Уставниот суд, Зоран Трајков, претседател на иницијативниот одбор на групата, порача дека нивната борба е за корка леб и лекови и ги повика надлежните да се запрашаат каде е грижата за пензионерите со мали пензии.
„Првпат се крева гласот на пензионерите. Досега беше со процентуално зголемување на пензиите од 600-700 денари. Ќе немаме за леб, ако се случи да биде процентуално. Јазот меѓу најголемата и најмалата пензија беше 1 спрема 4, сега е 1 спрема 7 и само ќе се зголемува. Доста е пензионерите да бидат поделени“,
изјави Трајков.
Пензионерите, од кои многумина се со минимални пензии рекоа дека се жртви на транзицијата и додадоа дека е неправедно некои на следното покачување да земат само 700-800 денари, додека други да добијат 3-4 000 денари, доколку се врати процентуалното усогласување.
Една од пензионерките на протестот вели дека постои формула по која треба да се пресметува покачувањето на пензиите за, како што рече, сите да бидат еднакви.
„Има формула, процентот се добива по покачување на цените, покачување на животниот стандард, се зема тој процент, се множи со вкупните исплатени пензии на ниво на цела држава и се дели со 340 илјади пензионери. Едноставна математика која ќе дозволи сите да бидеме еднакви“,
рече таа во изјава за медиумите.
Друг пензионер обвини дека сите до сега донесени правилници не се користат во корист на граѓаните и на сиромашниот пензионер.
„Тие се користат само за една класа или кланови. Ги замолуваме посебно судиите од Уставен суд да се тргнат од тие кланови или комплет да си одат“,
кажа пензионерот.
Протестот пред Уставниот суд беше најавен во саботата на собир во Штип, каде присуствуваа пензионери од повеќе градови.
Покрај линеарното усогласување, групата пензионери бара и воведување К-15, покачување на посмртнината од 35 000 на 50 000 денари, воведување пензионерска картичка.
Зоран Трајков најави дека протестите ќе продолжат и дека на 10 декември ќе појдат и пред Канцеларијата на Европската Унија во Скопје.
Пензионерите минатата година и во март годинава веќе добија линеарно покачување на пензиите од по 2 500 денари, а во септември годинава добија дополнителни 1 000 денари на картичка. Според досегашните најави, во март следната година треба да следи ново линеарно усогласување од 1 000 денари.
Инаку, линеарното покачување на пензиите изминатите денови е дел и од вербална преписка меѓу Уставниот суд и премиерот Христијан Мицкоски.
Уставниот суд на 20 ноември соопшти дека е поведена постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој беше воведено линеарно зголемување на пензиите. Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Судот ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела во Собранието, за време на седницата за пратенички прашања, рече дека Уставниот суд веќе донел одлука за укинување на законската одредба за линеарно зголемување на пензиите и веќе од наредниот месец најголемиот број од пензионерите ќе добиваат помали пензии.