Управата за јавни приходи информира дека повратот на средства од мерката МојДДВ за скенирани сметки во третиот квартал од 2025 година продолжува, односно не е прекинат ниту откажан.
Во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара целосна преработка на истите. Имено, доколку постои дури и само еден налог каде се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници кои се во ист налог како и корисникот кој извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување.
Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок.
Исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за останатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка.
Апел до граѓаните: Доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, потребно е веднаш да направат ажурирање на податоците во системот. Со тоа ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници.
Граѓаните можат да бидат спокојни – средствата кои им следуваат од МојДДВ ќе бидат исплатени!
Сепак, оние неколкумина кои ги исконтактиравме, а немаат добиено поврат на ДДВ, велат дека истата трансакциска сметка ја имаат повеќе од 15, па и 20 години, дека ништо не смениле од тога, па ни банка, ни сметка.
– Досега редовно пристигнуваше исплатата. Ретко во првите денови по почетокот на исплатата, но до крајот на период во кој требаше да се исплатат, парите беа сметка – вели една скопјанка со која разговаравме.
Се надева и дека деновиве ќе ѝ бидат исплатени парите за кои скенирала сметки во јули, август и септември, а додава дека не го достигнала целиот лимит.