На изградбата на автопатот Гостивар–Букојчани се работи интензивно и од вкупно 33 километри, досега се пробиени 17 со кои се заобиколува превојот „Стража“.

– Има интензивни градежни активности на автопатот Гостивар–Букојчани, кој е дел од Коридор 8, делница Скопје – Струга – Охрид. Веќе 17 километри се пробиени со кои се заобиколува популарната „Стража“ – објави на својот Фејсбук-профил вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој најави дека од пролет ќе започне изградба од страната на Букојчани, а ова ќе биде првиот автопат што ќе се спојува на пола.

Изборот на изведувачи за автопатите Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани кои се, исто така, дел од Коридор 8 ќе биде завршен овој месец, а градежните активности ќе почнат веднаш или напролет во зависност од временските услови.

– Доколку дозволат временските услови, веднаш ќе почне да се работи, а ако не, тогаш напролет. Рокот за поднесување на понуди заврши, добивме сериозни понуди и најмалку три од нив се во рамки на буџетот за Скопје-Блаце, а исто така има три понуди и за автопатот Кичево-Букојчани – изјави Николоски.

Министерот нагласи дека проектот за Скопје-Блаце е стабилизиран и вратен во рамки на договорената цена со ЕБОР, по што се очекува реализација со кредит од 166 милиони евра и грант од 30 милиони евра.

– Наследивме 27 милиони евра по километар, што не е одржливо. Сега проектот е во рамки на буџетот и очекувам во првата половина на декември да се избере изведувач, со рок од 2,5 години за завршување – вели Николоски.

Вицепремиерот истакна дека се работи и на проект за целосна реконструкција и рехабилитација на обиколницата на Скопје, која се протега од Арачиново до Ѓорче Петров, како и на другите автопати на Коридор 8, вклучувајќи го и Тетово-Гостивар.

– На Тетово-Гостивар имавме одредени проблеми со рушење на објекти, но се решаваат и се експроприра земјиштето – рече Николоски и најави дека во првата половина на декември ќе се пуштат во сообраќај нови делници од автопатот Кичево-Охрид.