Вкупната кредитна задолженост на домаќинствата надмина 4,4 милијарди евра
Побарувачката за станбени кредити ќе се расте до крајот на оваа банкарска година. Во октомври на годишно ниво станбените кредити се зголемиле за дури 16,1 отсто. Вкупната кредитна задолженост на домаќинствата надмина 4,4 милијарди евра, пишува Порталб. На крајот на октомври компаниите, пак, во банките биле задолжени со 4,2 милијарди евра. Банкарите навестуваат можно заострување на кредитните услови
Кредити за домаќинства – можно заострување на кредитните услови
Банкарската 2025 година за граѓаните ќе заврши со заострени кредитни услови. Во третото тримесечје банкарите изјавиле дека условите за одобрување биле олеснети, но ова темпо нема да се одржи до крајот на годината. Според извештаите на банките, за олеснување на условите за станбените и за потрошувачките кредити влијание имале каматната стапка, хипотеката, провизиите.
За четвртиот квартал од 2025 година, банките очекуваат нето-заострување на кредитните услови кај вкупните кредити на домаќинствата. Банките укажуваат дека сите фактори придонесуваат за нето-олеснување на кредитните услови кај станбените и потрошувачките кредити, при што најголем придонес има факторот „конкуренција од други банки“ – се наведува во Анкетата на НБМ.
Новата aнкета покажува значајна промена во оценката на банкарите за влијанието на монетарната политика, па така ако претходно половина од банкарите оцениле дека НБМ нема влијание врз каматната политика за домаќинствата, сега ниту една банка не дала ваква оценка. Банките и покрај тоа што навестуваат заострени кредитни услови за домаќинствата, очекуваат побарувачката да расте и тоа кај станбените кредити.
Од НБМ посочуваат дека во четвртиот квартал од 2025 година, банките очекуваат натамошно, но поумерено нето-зголемување на побарувачката на вкупните кредити од страна на домаќинствата.
На крајот на октомври граѓаните во банките по основ на сите кредити должеле 4,4 милијарди евра и задолженоста во однос на септември е зголемена за 0,8 отсто, додека на годишно ниво растот изнесува 10,6 отсто.

Зголемена побарувачка за станбени кредити
Највисоката кредитна задолженост на домаќинствата е по основ на станбени кредити – на крајот на октомври надмина историски 1,7 милијарди евра и само за еден месец сумата е зголемена за 19 милиони евра. Станбените кредити имаат и највисока стапка на раст во однос на другите кредити, на месечно ниво за 1,1 отсто, а на годишно за дури 16,1 отсто.
Банкарите лоцираат повеќе причини зошто граѓаните и покрај високите цени, посегнуваат по „инвестиции“ во недвижности, пред сè во купување на станови. Па така се наведува влијанието на „перспективите на пазарот за станбена изградба“, „очекуваните промени кај цените на становите“, „инвестициите во еколошки проекти“.
„По подолг период (односно од крајот на 2023 година) ваков придонес повторно има и факторот „заштеди на домаќинствата“ – наведуваат од НБМ.
Интересно е дека побарувачката за станбени кредити е во пораст и покрај тоа што и натаму се зголемува цената на квадратен метар – за дури 25,1 отсто во споредба со вториот квартал.
„Во третиот квартал од 2025 година, се забележува забрзување на растот на цените на становите, коишто се повисоки за 25,1 отсто на годишна основа (19,9 отсто во претходниот квартал)“ – се наведува во Извештајот на НБМ.
Кредитната задолженост на компаниите надмина 4,2 милијарди евра
На крајот на октомври корпоративниот сектор односно компаниите во банките должеле 4,25 милијарди евра и оваа сума во однос на септември се зголемила за 0,4 отсто. Банкарите очекуваат дека во последните три месеци од годинава побарувачката на кредити од страна на компаниите ќе биде зголемена, а најголем удел ќе има потребата од инвестиции.
„Факторите: „Инвестиции во основни средства“, „инвестиции во залихи и обртен капитал“ и „инвестиции во еколошки проекти“, придонесуваат за нето-зголемување на кредитната побарувачка, додека останатите имаат неутрален ефект“ – се наведува во Анкетата.
Интересен е податокот дека просечната каматната стапка за новоодобрените кредити за компаниите на крајот од септември изнесувала 4,36 отсто и таа е зголемена на месечно ниво.

Просечната каматата, пак, за новите кредити за домаќинствата изнесувала 4,61 отсто и на месечно ниво бележи пад. Банкарската 2025 година завршува со сè уште „затегната“ монетарна политика поради што во текот на годината беше забележано позабавено намалување на каматните стапки за кредитите.