Десет осигурителни компании се казнети со 17.266.930 денари затоа што се договориле да ја зголемат цената за автомобилска одговорност што секој сопственик на моторно возило задолжително мора да ја плати при регистрирање на возилото, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое утврди постоење на усогласено однесување (картел) помеѓу десет осигурителни компании (ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, АД МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ – ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП, САВА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ЕУРОЛИНК АД СКОПЈЕ, ГРАВЕ АД СКОПЈЕ, УНИКА АД СКОПЈЕ, АД ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА СКОПЈЕ, ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ И КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ) на пазарот на осигурување од автомобилска одговорност (АО), кое секој сопственик на моторно возило задолжително мора да го плати при регистрирање на возилото“, се наведува во соопштението.

Во постапката било утврдено дека осигурителните компании во периодот 01.03.2024 – 07.05.2024 година, разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – т.н. режиски додаток.

Таквото однесување, појаснуваат од Комисијата, претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.

„Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането. Врз основа на утврдените факти, Комисијата изрече прекршочни санкции – глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари“, соопшти Комисијата.