Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков вели дека се генерално „за“ минимална плата од 500 евра, но со одредени исклучоци, особено кај самостојните вршители на дејност и микро и малите компании кои сами за себе обезбедуваат работа и плата.
Од друга страна, според Бошков, нам ни е многу битен образот и конкурентноста и ние, како што нагласи, мораме да се договораме со синдикатите и со Владата каква порака ќе испратиме за привлекување на странски директни инвестиции и за квалитетот на животот на работниците во земјава.
-Од вчерашниот состанок со синдикатите се договоривме дека мораме да преговараме, мораме да развиваваме колективно преговарање на секторско ниво, затоа што минималната плата е инструмент кој гарантира стандард на работниците, меѓутоа не ја отсликува правата состојба и на потрошувачката кошничка и на животниот стандард на работниците, а уште помалку на исполнителноста на задачите на работниците. Секој во секој сектор, нагласи Бошков, мора да знае неговиот работник колку работи и не може тоа да биде паушално кажано за сите и од друга страна – изјави Бошков.
Бошков, исто така, укажа и дека тие како организација не е можно да ги застапуваат само бизнис интересите на скопските компании.
-Ние сме за. Ние за да можеме да го подигнеме нивото, како организација на работодавачи соработуваме и со занаетчиите, тие се нашите партнери. Ние точно знаеме самостојните вршители на дејност во Гостивар, во Виница, во Тетово, во Струмица го немаат истото ниво на економски обем како во Скопје и ние како национална организација мораме тоа да го соопштиме – изјави Бошков.