Додека народот едвај врзува крај со крај плаќајќи едни од највисоките сметки за струја во регионот, најновиот извештај на Министерството за финансии го потврди она на што Левица постојано предупредува. Енергетскиот сектор не е во криза поради пазарот и состојбата на енергетските капацитети, туку поради криминалното и нестручно управување на кадровските решенија на Мицкоски со АД ЕСМ, се посочува во соопштението од ПП Левица.

Податокот дека АД ЕСМ остварило загуба од вртоглави 32 милиони евра само во вториот квартал на 2025 година е скандалозен и бара итна одговорност! Дополнително, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев и личен пријател на Мицкоски претходно изјави дека компанијата нема да генерира загуби и дека нема да има промена на цената по која компанијата му ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум (која изнесуваше 62 евра за мегават час). Но, денеска компанијата е најголем загубар и цената кон универзалниет снабдувач е 65 евра за мегават час.

Ова е доказ дека промената на власта и новите директорски фотелји не донесоа никаква промена во „паразитското“ испумпување на народни пари. Напротив, се потврди тезата дека СДС и ДПМНЕ се две страни на истата паричка кога е во прашање уништувањето на државните ресурси.

 

Левица прашува јавно:

– Како е можно да се генерира загуба од 10 милиони евра месечно во пролетен и летен период, кога потрошувачката на електрична енергија е драстично намалена?

– Дали овие 32 милиони евра се резултат на скапи тендери во четири очи за ископ на јаглен и набавка на мазут преку фирми блиски до новата власт?

– Дали ова свесно и систематско уништување на ЕСМ е подготовка на теренот за негова евтина приватизација?

Левица бара:

1. Итна ревизија на работењето на ЕСМ за вториот квартал од 2025 година.

2. Детален извештај за сите склучени договори за јавни набавки на јаглен, мазут и увоз на струја во овој период.

3. Политичка и кривична одговорност за оние кои дозволија ЕСМ да продолжи да тоне

Погрешните кадровски политики на Мицкоски резултираат со колапс на јавните претпријатија, а за тоа е доказ биографијата на генералниот директор Лазо Узунчев, кој без никакво искуство во енергетскиот сектор ја доби одговорноста да менаџира со ЕСМ – само заради личното пријателство со премиерот Мицкоски.