За разлика од 2025 кога во 13% од буџетот беше предвиден за раст на платите, за 2026 има предвидено само 7% и ако ги земете вработувањата и унапредувањата и зголемувањето на платите само во одредени спорадични сектори, тогаш веројатноста е дека средното зголемување на платите во јавниот сектор конкретно, бидејќи буџетот се однесува токму за нив, ќе биде помеѓу три-три пол проценти.

На ова укажува претседателот на Сојузот на синдикатите на Македнија Слободан Трендафилов во неделното интервју за Рацин.мк.

„Во 2025, во споредба со 2024 година, имаше 13,5% и потоа со ребалансот се обезбеди уште некој дополнителен процент. Но вработените не видоа 13,5% зголемување на нивните плати, за жал. Во културата, наместо по растот на минималната плата осум проценти, вработените добија пет проценти, или па по општиот колективен договор за јавниот сектор требаше да добијат дванаесет проценти, не добија толку“, посочува Трендафилов.

Тој потсететува дека во некои други дејности, како што е образованието, наместо да добијат 12 проценти, добија 7 проценти или пет проценти оваа година.

„Во некои други сектори исто така се случи, но ние како синдикати, се боревме за да не останеме и без тоа, затоа што опасноста беше да имаме нула проценти“, вели првиот човек на ССМ.

Трендафилов вели “ако земете дека во просек платите на македонските работници пораснале помеѓу пет и девет или осум проценти, тогаш можете да замислите дека во буџетот оваа година владата има предвидено, седум проценти за раст на платите“.

„И повторно се враќаме на оние периоди кога растот на платите помеѓу еден и три проценти беше претставуван како огромно достигнување, а платите претходно растеа десет, петнаесет, осумнаесет, осумнаесет проценти. И тоа што ние го зборуваме, дека иако има обврска за информирање и консултирање при подготовката на новиот буџет, не го направија тоа“, истакнува претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во интервјуто за Рацин.мк.