Граѓаните денеска нема да можат да извадат документи од Управата за водење на матични книги, затоа што вработените ќе бидат на своите работни места, но целосно ќе ги прекинат обврските како знак на револт кон институциите што, како што велат, не ги исполниле дадените ветувања и не го потпишале колективниот договор.
Од Независниот синдикат на Управата се децидни: ако нема поместување, следниот чекор може да биде генерален штрајк.
Потпретседателот на синдикатот, Насер Џемаили, предупредува дека состојбата со кадарот и платите одамна е алармантна:
„Никому не му е гајле за вработените во Управата за водење матични книги. Ниту една институција не реагира на нашите барања. А ние сме една од најважните управи во државата – без нас нема изводи, нема запишување бракови.“
Во Управата се вработени околу 350 лица, најголем дел од нив земаат минимална плата, а хроничниот недостиг од работници постојано го оптоварува системот. Според Џемаили, недостигаат над 90 вработени, што доведува до сè почести одливи на кадар – токму поради ниските примања.
Штрајкот продолжува додека не се обезбеди решение, а граѓаните денеска ќе се соочат со целосен застој во издавањето на најосновните лични документи. објави Скопје1.мк