Државниот завод за ревизија (ДЗР) откри сериозни неправилности во работењето на Министерството за економија и труд за 2024 година, кои резултирале со огромна финансиска штета за државниот Буџет. Поради неажурност и застареност на прекршочните постапки, државата останала без неверојатни 2.078.000 евра.
Ревизорите констатирале дека дури 1.534 прекршочни предмети биле запрени бидејќи надлежните служби не постапувале навреме. Дополнителен шок е информацијата дека во септември 2024 година бил извршен хакерски напад врз софтверот за прекршоци, по што податоците се неповратно изгубени.
Во делот на јавните набавки, откриени се пропусти при изградба на фотонапонски централи. За втората фаза од проектот, вредна над 420.000 евра, воопшто не била предвидена банкарска гаранција, а роковите не се испочитувани без да се наплатат казни од изведувачот.
Поради овие и низа други прекршувања на законите, ДЗР изрази неповолно мислење за усогласеноста на министерството со законската регулатива.