Во Израел водата се смета за јавно добро. Загубите се сведени на исклучително ниско ниво, меѓу 5 и 7 отсто, со тенденција во наредните 10 години да се намалат на 4 проценти. Системот е до тој степен „затворен“ (заокружен) што секоја капка и секоја чаша истурена во мијалниците, тоалетите или уличните сливници завршува во колекторскиот систем, се прочистува и се редистрибуира кај домаќинствата, во земјоделството и индустријата.
Земјата инвестира многу во секторот води. Само лани се вложени околу една милијарда евра, а над 30 отсто од овие средства се искористени за развој на нови технологии и иновации во управувањето со водите.
Употребата на водата во Израел е стратешки приоритет – не само на актуелната Влада, туку генерално, на државата. Постои национален консензус по ова прашање – и сите се придржуваат до него.
Во Израел секој има пристап до водата, но државата е таа што „раководи“ со овој исклучително важен ресурс. Не може правно или физичко лице да стане сопственик на вода. Израелците се толку ригорозни, што ова се однесува и на дождовната вода – дури и оваа вода не смее никој да ја употребува без дозвола на државата.
Според Израелците, најдобриот третман на загубите е превенцијата.
Македонска делегација имаше можност да го посети Израел и да види каков е системот за менаџирање со водата.
Израелците ништо не оставаат на случајност, не само зашто мора да се снаоѓаат како знаат и умеат поради генерално неповолната хидролошка состојба во земјата, туку и затоа што едноставно имаат исклучително висока свест – знаат колкава е вредноста на водата и максимално го ценат и почитуваат овој преважен ресурс. Тие ја предвидуваат состојбата со години однапред за да ја превенираат, плански создаваат високоспецијализирани кадри и хируршки прецизно водат сметка за секој сегмент – од испумпувањето до крајната потрошувачка. До тој степен се посветени и усовршени што дури и од канализациската вода прават вода за пиење.
Израелски модел
Израел има неколку начини на водоснабдување: користи природна вода (од Галилејското Езеро и подземни извори), десалинизира (отсолува) морска вода и реупотребува (прочистува) од веќе дистрибуираната вода во домаќинствата и индустријата. Според демографските податоци, земјата има околу 10 милиони жители, а вкупната годишна побарувачка на вода (домаќинства, земјоделство, индустрија) е околу две милијарди метри кубни. Просекот е некаде на нивото на Македонија, околу 200 литри по глава на жител.
И додека во Македонија надлежностите се „расфрлани на сите страни“, во Израел системот е јасно поставен и централизиран. За водата е одговорно само едно т.н. Национално тело составено од претставници на институциите (кои претходно, до 2006 година, ја менаџирале водата – министерства за животна средина, здравство, земјоделство), како и од претставници на граѓанскиот сектор. Ова тело кое управува со водата, носи стратегија, пропишува регулативи, дефинира тарифи и врши надзор (контрола) врз работата на државните претпријатија, односно врз сите субјекти на кои им е делегирана обврската да го спроведуваат водоснабдувањето.
Централната (национална) компанија за води (акционерско друштво во државна сопственост, пандан на нашето АД „Водостопанство“) се вика „Мекорот“ (што на хебрејски значи „извори“). Основана е во 1937 година и во нејзина сопственост се сите главни цевководи и акумулации преку кои се собира и дистрибуира водата за пиење, за индустријата и за земјоделството (наводнување). „Мекорот“ е одговорна за контрола на квалитетот, за навремено снабдување, за безбедност на водата (прочистување) и за обезбедување доволно количини вода во текот на целата година.
За разлика од „Мекорот“ која е државна компанија одговорна за водоснабдувањето, системот го сочинуваат и приватни оператори кои вршат преработка на водата. Тука се, пред се, фабриките за десалинизација во приватна сопственост кои засега се вкупно шест, а во тек е изградба и на седма фабрика. Меѓународните организации кои одредуваат кредитен рејтинг, ги имаат оценето овие фирми со максималните, најдобри оценки за солвентност и стабилност. Тоа значи дека нема банка во светот што не би инвестирала во нив.
„Мекорот“ ја собира водата (на пример, од Галилејското Море) која потоа минува низ неколку фази на прочистување и се дистрибуира до домаќинствата. Најголемиот дел од оваа вода се користи за пиење, но дел се употребува и за наводнување на одредени земјоделски култури (раноградинарство и оранжерии). И десалинизираната вода влегува во системот на „Мекорот“ како подготвена за пиење. (До самата фабрика за десалинизација што македонската делегација имаше можност да ја посети, беше лоциран резервоар на „Мекорот“ од каде преработената морска вода се дистрибуира до централниот систем.)
Билансот на природните извори во вкупниот дистрибутивен систем на Израел до 2010 година бил речиси непроменет, но со растот на економијата и популацијата, се зголемиле потршувачката и потребата за уште поинтензивно земјоделско производство. Се јавил јаз меѓу потребите и природните можности земјата да испорача вода. Тоа го вклучило „црвениот аларм“ и од тогаш, од 2010 година, Израел почнува со десалинизација. Кога била направена првата фабрика, 10 – 15 отсто од потребната вода се обезбедувала од десалинизација. Во 2020 година количината е триплирана, а целта е до 2030 година да се зголеми за четири пати.
И во однос на рециклираната вода приказната е многу интересна. До 1980 година Израел не правел реупотреба, туку го применувал „нашиот метод“ – испуштање на искористената вода во природните водотеци (реките) и во природата. Но, во Тел Авив во 90-тите години се срушил пешачки мост над реката Јаркон. Некои од луѓето кои паднале во реката починале од загадување (од концентрацијата на отровните материи, зашто во реката се испуштала употребувана вода, како кај нас во Вардар). Тоа бил моментот на пресвртница кога државата одлучила да преземе чекор – тогаш почнал процесот на прочистување и реупотреба на таа вода, во 1980 година.
Денес се реупотребуваат 86 проценти од целата вода што се одведува/испушта од домаќинствата, индустријата, а најголем дел од нив се користи за наводнување во земјоделството, но точно се знае за кои култури. Се користи и за индустриски цели (на пример, ладење – како техничка вода).
Македонската делегација имаше можност да види и до кој степен се прочистува комуналната (отпадна, канализациска) вода во Израел. Од прочистителните станици излегуваат две категории води, првата може и да се пие, но луѓето, сепак, имаат психолошки бариери и не ја користат за тоа, туку најчесто ја употребуваат за наводнување тревници или во градинарството, додека втората е само за производство на урми (палмите се огромен консумент на вода и во фаза на раѓање трошат до 700 литри вода дневно). Земјоделската наука е до тој степен развиена што ги има измерено сите влијанија на овие категории води пред да ги стави во функција на производството. Се покажало дека рециклираната вода од комуналната мрежа нема никакво негативно влијание врз квалтетот на урмите и другите земјоделски производи. Овој модел на наводнување се користи веќе десетина години.
Цените на водата во Израел се транспарентни и униформни
Во Израел сите ја плаќаат водата еднакво, но има две тарифи: до 3,5 метри кубни месечно по глава на жител и над 3,5 метри кубни. Ако едно семејство потроши по 3,5 метри кубни од член, ќе плати по 2,5 долари за метар кубен, но ако потроши повеќе, ќе треба да плати скоро двојно повеќе, односно 4,6 долари за метар кубен.
Земјоделската тарифа е сосема поинаква зашто во земјоделството се користи реупотребена вода. Има два типа договори. Едниот е кога корисникот добива фиксна количина вода и тогаш цената е 0,42 долари за метар кубен, а вториот – кога корисникот добива неограничена количина и тогаш цената е 0,49 долари за метар кубен. Питката вода, пак, што се користи во земјоделството за одредени култури (раноградинарските) чини 0,75 долари за метар кубен.
Како што вели амбасадорката на Израел во земјава, Вивиан Аисен, преку унифицираната национална водоводна мрежа, десалинизираните и природните извори на вода се мешаат, се следат и се испорачуваат до домаќинствата низ целата земја по униформна цена. Паметните броила инсталирани во домовите, фабриките и фармите пренесуваат податоци во реално време до водоводните компании, овозможувајќи точно фактурирање и моментално откривање аномалии. Водата се продава по нејзината реална цена, без скриени субвенции, а генерираните приходи остануваат исклучиво во водниот сектор. Секој шекел платен од потрошувачите се враќа во подобрување на инфраструктурата, унапредување на технологијата и обезбедување долгорочна достапност. Овој принцип на реинвестирање гарантира финансиска одржливост и изолација од политички притисок.