Администрацијата на американскиот претседател објави дека Министерството за финансии на САД собрало 235 милијарди долари од царински такси од почетокот на тековната година.

Ова тврдење беше претставено за време на божиќен видео пренос во живо на официјалниот канал на Белата куќа на Јутјуб. Во рамки на преносот, придружено со музика, се прикажуваше список со наслови кои ја истакнуваат „победите на МАГА (MAGA) во 2025 година“.

Дополнителни информации, презентирани во форма на текстуални блокови кои се прикажуваа од левата страна на екранот, ги потенцираа и другите наводни успеси на администрацијата на Доналд Трамп. Меѓу нив беа истакнати политиките за миграција и мерките преземени во борбата против кризата со фентанил, според информациите пренесени од ДПА.

На десната страна од екранот, пак, се прикажуваше цртана илустрација на Трамп, кој седи покрај новогодишна елка и чита книга.

Сумата на собрани приходи од царински такси, прикажана во преносот во живо, е нешто поголема од претходно објавените податоци од страна на администрацијата на Трамп.

Минатата недела, Царинската и гранична служба на САД извести за приходи од царини од нешто над 200 милијарди долари. Овој износ беше собран во периодот помеѓу инаугурацијата на Трамп на 20 јануари и 15 декември.

Сепак, вкупниот приход од царини не ги исполни поставените проекции. Во месец јули, американскиот министер за финансии, Скот Бесент, очекуваше дека приходите ќе достигнат 300 милијарди долари до крајот на годината.

Во моментов, Врховниот суд на САД го испитува правниот статус на царините воведени од Трамп.

Конкретно, се разгледува прашањето дали претседателот Трамп имал право еднострано да воведе царини, повикувајќи се на Законот за вонредни состојби од 1977 година, без претходно одобрение од Конгресот.

Претходно, пониските судови ја блокираа оваа политика, откако неколку американски компании и сојузни држави поднесоа поплаки.

По стапувањето на функција, Трамп се повика на споменатиот закон за да воведе царини за производи од повеќе држави. Како причини за ваквиот потег беа наведени грижите во врска со дрогата како фентанил, нелегалната миграција и трговскиот дефицит.

Не е познато кога Врховниот суд ќе донесе конечна одлука. Доколку судот пресуди во корист на компаниите и државите, тоа би можело да доведе до преиспитување на постојните трговски договори.