Дали една од најважните земјоделски гранки е пред тивко уништување?. Државата им сврте грб на одгледувачите на овци

Неисплатени субвенции и целосен колапс на овчарството.

Ова е причината поради која денеска сточари и земјоделци ќе се соберат пред Владата за да упатат барања до власта и ако не им се исполнат до петок најавуваат протести со блокада на патишта. Одгледувачите на овци се без исплатени две третини од субвенциите за 2024 година и на прагот на новата година веќе бројат загуби во работата и од неиплатената премија за предаденото мелко. Државата им должи на земјоделците околу 1,5 милијарди денари само за субвенции за 2024 година.

„ Ако не бидеме исплатени сега, следниот термин е март 2026 година, што е неприфатливо“, велат сточарите.

Сточарите се организараат со поддршка на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), во чии рамки членуваат поголем број синдикални и земјоделски организации.

Организаторот, Сојузот на одгледувачи на овци на Македонија, се подготвува за протест поради како што велат крајната неодговорност на државните институции, која директно води кон уништување на една од најважните и стратешки земјоделски гранки во државата.

Одгледувачите на овци велат дека и на крајот на 2025 година, сè уште не се исплатени субвенциите за одредени мерки од 2023 година, како и за целата 2024 година, иако „Владата имаше јасна и јавно дадена обврска – сите заостанати субвенции да бидат исплатени најдоцна до 30 јуни 2025 година“.

Сточарите се децидини дека рокот е пробиен дури шест месеци, а и да ги земат субвенции сега трпат економска штета оти парите сега вредат помалку поради скапотијата.

„Дури и доколку субвенциите бидат исплатени денес, нивната реална вредност е значително намалена. Поради доцнењето не можевме навреме да набавиме сточна храна во периодот на жетва, цените на храната во меѓувреме пораснаа за 30–40 проценти. Реалната вредност на субвенциите е намалена за минимум 20 отсто. Сточарите се двојно казнети – прво со доцнење, второ со инфлација“, велат од Сојузот, чии коррдинатор е Насер Џемаили.

Од Сојузот додаваат дека поради драматичниот раст на трошоците за производство и живот цените на јагнето и млекото остануваат понижувачки ниски, откупувачите и преработувачите ја користат очајната состојба на сточарите, а државата не обезбедува никаква заштита.

„Трагични последици – празни трла и нова сиромаштија. Ова не се статистики, туку човечки судбини, сточари со децениско искуство ги распродаваат стадата, фарми што хранеле семејства со генерации се затвораат, луѓе кои произведувале храна за државата стануваат социјални случаи и невработени“, нагласуваат од Сојузот.

Оттука сточарите бараат итна и неодложна исплата на сите заостанати субвенции за 2024 година во текот на оваа работна недела. Компензација за изгубената вредност на субвенциите поради доцнењето и поскапувањето на сточната храна. Итна средба со ресорниот министер и Владата, со цел дефинирање заштитни (минимални) откупни цени за следната сезона.

Доколку барањата не бидат исполнети, Од Сојузот за петок, 26 декември година, најавуваат општи протести низ целата држава со блокирање на сите главни сообраќајници, протести кои ќе траат до целосно исполнување на барањата.

Инаку пред десет дена новата директорка на Платежната агенција Даниела Иротова за „Независен“ потврди дека решенијата за исплата на одгледувачите на овци се доставени до Трезорот пред 15 декември.

„Основната мерка за одгледувачите на овци е сработена од Агенцијата и сите налози за исплата за 1.212 корисници на оваа мерка денес се доставени до Трезорот за исплата со вкупна вредност од 327 милиони денари за одгледувачите на овци.

Дополнително денес во Трезорот се доставени и исплатите за платата за овчарите за 2024 година каде од вкупно 48 апликанти комплетирани се 26 со вкупна висина на поддршка 16 милиони денари, а останатите по докомплетирање ќе бидат доставени до Трезорот за исплата“, изјави Иротова.