„Како во 2022 година, веројатноста е дека и оваа 2026 година во јануари и февруари ќе преземеме конкретни мерки и активности за да се избориме за зголемување на минималната плата, а следствено на тоа да не заборавиме зголемување на сите останати плати“, изјави претседателот на ССМ по седницата на Економско социјалниот совет
Владата и работодавачите нека седнат и нека се договорат за кој износ се подготвени да ја зголемат минималната плата, па нека нè повикаат нас синидкатите и нека ни кажат. Ова беше пораката што ја испрати претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, по денешната седница на Економско социјалниот совет (ЕСС) на Владата на која, меѓу другото, стана збор и за растот на минималецот.
Трендафилов вели дека на седницата се дискутирало за потребата од зголемување на минималната плата и се лицитирале износи од 600, 700, 800, па дури и 1 000 евра. Според него, во моментов иако има желба кај сите, не постои расположение за зголемување на минималната плата од 1 јануари, па оттука рече дека македонските работнници ќе ја дочекаат Новата година како најсиромашни на Балканот и во Европа.
„Од 1 јануари Албанија ќе има 500 евра минимална плата, 430 евра, па од јуни 500 евра во Косово, 550 евра во Србија, да не зборуваме за БиХ – минималната плата таму ќе биде колку просечната плата во Македонија. Ниту тоа не се доволни аргументи за нашите социјални партнери. За жал, претставниците од другите синдикати се неми за борбата за зголемување на платите и дури даваа поддршка на Владата и ја бранеа од дискусијата на претставниците на ССМ. Загрижени сме од ваквата состојба, загрижени се и работниците“,
порача Трендафилов.
Уште еднаш ги повика Владата и работодавците да се договорат најбрзо што може за кој износ се подготвени да го зголемат минималецот, а во спротивно најави дека ССМ ќе иницира протести и штрајкови.
„Како во 2022 година во јануари и февруари, веројатноста е дека и оваа 2026 година во јануари и февруари ќе преземеме конкретни мерки и активности за да се избориме за зголемување на минималната плата, а следствено на тоа да не заборавиме зголемување на сите останати плати. Усогласувањето на минималната плата што го планираат во март следната година и те како нема да биде доволно со порастот на трошоците за живот“,
додаде Трендафилов.
Во оваа смисла претседателот на ССМ побара поддршка од работниците за следните чекори на Синдикатот бидејќи, како што рече, ако не се слушне јазикот на аргументите, ќе се слушне јазикот на работниците на друго место.
На денешната седница на ЕСС, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но дека зголемувањето мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности.