Поминаа пет и пол години од носењето на Еуростандард банка во стечај, а постапката сѐ уште е предмет на институционален и јавен интерес. Бизнисменот и поранешен сопственик на банката, Трифун Костовски, информира дека деновиве по втор пат бил повикан на распит во Основното јавно обвинителство, каде што го дал својот финален исказ во врска со стечајната постапка.

Како што наведува Костовски, распитот траел повеќе од два часа, при што ги изложил своите ставови поткрепени со факти, документи и анализи поврзани со работењето и згаснувањето на Еуростандард банка. Во својот исказ тој повторно го потенцирал ставот дека стечајот не бил резултат на објективна финансиска состојба, туку, како што тврди, „убиство со умисла“.

„Фактите сами за себе говорат. Правните и физичките лица – клиенти на банката – се 100 проценти обештетени. Стечајната постапка сѐ уште трае и продолжуваат да се прибираат нови финансиски средства“, наведува Костовски, додавајќи дека токму овие податоци, според него, ја доведуваат во прашање оправданоста на одлуката за стечај.

Тој смета дека зад стечајот стојат одредени структури од банкарскиот сектор, на кои им пречело присуството и работењето на Еуростандард банка, а, како што истакнува, тие биле поддржани и од делови од државниот систем.

Овие ставови, Костовски најавува, подетално ќе ги образложи во утрешната колумна насловена „Стечај со умисла – мојот финален исказ пред обвинителството и борбата за вистината“, во која, како што вели, ќе продолжи да ја изнесува својата страна од приказната и аргументите за, според него, една од најконтроверзните банкарски одлуки во поновата економска историја на државата.