Една од најочекуваните светски компании во Македонија, шведскиот производител на мебел „ИКЕА“, би можела конечно да отвори трговска мрежа во земјава, објави „МКД.мк“ повикувајќи се на неформални најави при отворањето на шведско-македонската стопанска комора неодамна.

Извршниот директор на оваа комора, Самуел Наумовски Викиус, во разговор со новинари во Скопјe потврдил дека преговорите за влез на „ИКЕА“ во Македонија се при крај, оценувајќи дека „има простор за нејзино работење во земјава“. Идејата, според извештаите, била поддржана и од шведскиот амбасадор во Македонија.

Во последните десетина години, неколкупати се најавуваше дека ИКЕА би можела да отвори продавници во земјава.

Компанијата не одговорила на прашањето на SeeNews околу наводните планови за скоро проширување на бизнисот во земјава.

Шведскиот бренд е една од најголемите и најпознатите меѓународни компании со голема малопродажна мрежа за мебел. Во регионот ИКЕА е присутна во Грција, Бугарија, Србија и Хрватска, а купувачите од Македонија досега најмногу ги користеа продавниците во Грција и во Србија.