Високата онлајн активност не се претвора во соодветна економска активност. Само 63,2% од интернет корисниците во земјава купуваат онлајн, додека европскиот просек изнесува 76,6%. Во земји како Ирска, Холандија и Норвешка, над 90% од корисниците практикуваат онлајн купување.
Иако Македонија бележи еден од највисоките растови во користењето интернет во регионот, онлајн купувањето и дигиталните финансиски услуги сè уште значително заостануваат зад европските стандарди. Ова го покажуваат податоците од Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година, изработен од Асоцијацијата за е-трговија.
Според извештајот, во 2024 година дури 91,1% од граѓаните во Македонија користеле интернет во последните три месеци, што претставува најголем раст во регионот (+6,8 процентни поени) и ја позиционира земјата веднаш под просекот на ЕУ-27 од 92,8%. Дополнително, 96,6% од интернет корисниците се онлајн секојдневно, со што Македонија се наоѓа над голем број развиени европски економии.
Сепак, високата онлајн активност не се претвора во соодветна економска активност. Само 63,2% од интернет корисниците во земјава купуваат онлајн, додека европскиот просек изнесува 76,6%. Во земји како Ирска, Холандија и Норвешка, над 90% од корисниците практикуваат онлајн купување.
Извештајот укажува и на изразен јаз меѓу користењето интернет за комуникација и за дигитални финансиски услуги. Дури 97% од македонските корисници го користат интернетот за комуникација, а 84,1% се активни на социјални мрежи, што е значително над европскиот просек. Наспроти тоа, интернет-банкарство користат само 43% од корисниците, во споредба со 72,4% на европско ниво. За онлајн продажба интернетот го користат 13,8% од корисниците, а користењето е-пошта е застапено кај 52,9%, далеку под европскиот просек од 86,6%.
„Фактот дека над 90% од граѓаните се онлајн покажува дека дигиталната основа за е-трговија во Македонија постои. Следниот чекор е таа масовна употреба да се претвори во економска вредност преку градење доверба, зајакнување на дигиталните вештини и поддршка за онлајн бизнисите“, изјави Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија.
Прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година беше презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија. Ова е седмо издание на публикацијата, која по втор пат е објавена на англиски јазик и опфаќа податоци за целиот регион на Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.