Струјата поскапува од 1 јануари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.Од Нова година граѓаните ќе плаќаат за 2,45% поскапа струја во првиот блок, а за 2,87% во вториот блок. Цената за третиот блок се зголемува за 3,32%, а за четвртиот 3,84%. За евтината тарифа Регулаторна одлучи цената да се зголеми за 2,50%. Според првиот човек на Регулаторна, Марко Бислимоски, зголемувањето е минимално во однос на барањето кое пристигнало од ЕВН Хоум. Се движело од 7,6 до речиси 12 проценти во зависност од блоковите.

„Едно домаќинство кое што има потрошувачка само во прв блок од 210 киловат часови и евтина 227 киловат часови, тука во овој случај се зголемува месечната сметка за 57 денари, односно за 2,28 проценти“, изјави Бислимоски.

Бислимоски потенцираше дека речиси 64% од домаќинствата или над 517.000 трошат струја само во првиот блок. За речиси 170.000 домаќинства кои ќе влезат и во вториот блок зголемувањето ќе изнесува 70 денари месечно. Додека за 14.000 домаќинства кои влегуваат и во трет блок 370 денари, а за 4.400 кои трошат и во четвртиот блок зголемувањето е околу 900 денари месечно.

Надоместокот од 200 денари останува дел од сметките и нема да биде укинат, рече Бислимоски, бидејќи анализите покажале дека така зголемувањето ќе било поголемо.

„Доколку се укине надоместокот од 200 денари, првиот блок ќе се зголеми за дополнителни 8,46 проценти, вториот блок ќе се зголеми за дополнителни 7,19 проценти, третиот блок ќе се зголеми за 5,77 проценти. Четвртиот блок за 2,69 и евтината за 13,51%“, вели Бислимоски.

Регулаторна оцени дека ЕВН Хоум го има применето тарифниот систем, но не е применет клучниот регулаторен принцип -урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и потрошувачите. Како што вели Бислимовски, внимаваат да се заштитат потрошувачите од ценовен шок.