Организаторите на зелените пазари до 31 декември 2025 година треба да поднесат до Управата за јавни приходи извештај за тековната состојба на корисниците на тезги на зелените пазари за наредната 2026 година. Извештајот ПДД-И/ЗП се поднесува посебно за секој одделен зелен пазар.

– Доколку во текот на годината настане промена на бројот на корисници на зелениот пазар, трговецот е должен да достави нов извештај до УЈП најдоцна до 10. во месецот што следува по месецот за кој се однесува промената – велат од УЈП.

Паушално се оданочуваат само физичките лица што вршат продажба на сопствени земјоделски производи на зелените пазари. Сите  лица што вршат продажба на други добра не може да се оданочуваат паушално и треба да бидат регистрирани во некоја од организациските форми согласно со Законот за трговски друштва ЗТД (правно лице или трговец поединец – вршител на дејност). Нивното оданочување се врши во зависност од организациската форма во која се регистрирани.

– Доколку едно правно лице – организатор на пазар поседува повеќе зелени пазари, потребно е да поднесе извештај со податоци за секој одделен пазар. Доколку е пазарот од сезонски карактер, потребно е навремено известување до службеното лице во Управата за јавни приходи, кое Ве администрира како даночен обврзник, со соодветно појаснување и приложени докази, за пазарот да биде означен како сезонски во системот е-даночни услуги – велат од УЈП.

Врз основа на доставените извештаи, Управата за јавни приходи врши утврдување на данокот на личен доход, за што донесува решенија за паушално оданочување најдоцна до 31 јануари 2026 година или најдоцна до крајот на месецот што следува по месецот за кој се однесува промената во извештајот.

– Со решението за паушално оданочување, Управата за јавни приходи доставува до даночниот обврзник месечни аконтативни пресметки за плаќање на данокот. Рокот за плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход е до 15. во месецот за претходниот месец – велат од УЈП.