По повеќе од четири века, традиционалната пошта во Данска станува минато. Данско-шведската компанија „Постнорд“ објави дека од 31 декември повеќе нема да врши достава на писма во Данска. Одлуката е неизбежна – во последните 25 години бројот на рачно пишани пораки паднал за повеќе од 90 отсто.
Историјата на поштенските услуги во Данска започнала во 1624 година, кога првите писма биле пренесувани со поштенски вагони. Денес, 400 години подоцна, стотици илјади поштенски сандачиња ќе бидат отстранети, а околу 1.500 вработени ќе останат без работа. „Ние сме данска пошта веќе 400 години. Ова е тешка одлука, но Данска станува сè по-дигитална, а побарувачката за испраќање писма е минимална“, изјави Ким Петерсен, заменик-извршен директор на „Постнорд“ за Данска.
Иако поштенските услуги во Шведска ќе продолжат, Данците кои сакаат да испраќаат писма ќе мора да се обратат кај компанијата „Дао“, која ќе ја преземе доставата од 1 јануари. Данските закони налагаат организирање на доставата на писма, што значи дека ако и „Дао“ престане со работа, Владата ќе мора да назначи нов оператор.
Дигитализацијата ја менува секоја сфера од животот – од интернет-банкарство до лекарски прегледи, а Законот за дигитален идентитет ја заменува класичната пошта. Сепак, само пет отсто од Данците одбиваат дигитална комуникација, а истражувањата покажуваат дека младите меѓу 18 и 34 години го оживуваат старото писмо – тие пишуваат два до три пати почесто од постарите генерации.
Со ова, Данска ја затвора една ера, но се отвора нова: дигиталната комуникација целосно ја заменува хартијата, додека ретките љубители на пишани пораки се борат да го зачуваат романтизмот на старите времиња.