Владата во вторникот прогласи кризна состојба во земјата поради тешкотии во снабдувањето со енергија. Ситуацијата е предизвикана од блокадата на граничните премини со Грција од страна на грчките земјоделци, што го попречува увозот на горива и на суровини.

Бугарските медиуми денеска објавија дека Бугарија ѝ понудила на Македонија итни резерви од мазут. Според бугарската владина информативна служба, постапувајќи по упатствата на бугарскиот премиер, Росен Жељазков, на министерот за енергетика, Жечо Станков, му е дадена задача да ги провери резервите од мазут и да утврди дали има доволни количини за потребите на Бугарија.

Од тамошната владина служба посочуваат дека е даден предлогот во телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи, Георг Георгиев, и неговиот македонски колега, Тимчо Муцунски.

– Во текот на разговорот, беше нагласено дека обезбедувањето помош е израз на добрососедство и на солидарност и има цел да обезбеди енергетска безбедност и стабилност во регионот – се вели во соопштението.

Минатата недела, АД ЕСМ, преку писмо, побара од Владата да прогласи кризна состојба на пазарот со струја поради блокадите на грчките земјоделци на Коридорот 10, што го отежнува доставувањето енергенси потребни за производство на електрична енергија.

На владина седница во вторникот беше донесена одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата, во рок од седум дена. Од Владата информираа дека се носи оваа одлука поради неможноста за набавка на мазут, кој е неопходен во делот во производството.

– Задолжителните резерви од нафтен дериват ќе се отстапат без надоместок, а АД ЕСМ, за трошењето на нафтениот дериват мазут, има обврска да доставува извештај со Владата и до Министерство за финансии – известија од Владата.

Од АД ЕСМ појаснуваат дека мазутот од државните резерви би бил наменет исклучиво за потпомагање одредени фази од производството на електрична енергија од термоелектраните.