Македонската влада донесе одлука да се задолжи кај ЕБОР со 20,9 милиони евра за набавка на најмногу пет локомотиви со резервни делови.
Доколку навистина се набават пет локомотиви, просечната цена би изнесувала околу 4,18 милиони евра по локомотива, со вклучени резервни делови, што и да се подразбира под тој поим.
Да ги погледнеме реалните пазарни цени. Најмоќните и најскапите електрични локомотиви на пазарот, од типот Vectron со моќност од 5 MW, наменети за дури три различни напонски системи (како што е вообичаено во големите европски земји), чинат до 4,065 милиони евра (2022). Локомотивите за два напонски системи чинат околу 3,49 милиони евра, а за еден напон – каков што се користи во Македонија – околу 3 милиони евра најскапите, и тоа за патнички возови.
Товарните електрични локомотиви, какви што реално ни се потребни, се значително поевтини и се движат во распон од околу 0,8 до 1,5 милиони евра. Дополнително, кај нас практично веќе и не постојат патнички композиции со класични вагони што ги влечат локомотиви (останаа само кинеските и репарираните шпански, евентуално советски гарнитури), па оттаму нема ни реална потреба од скапи патнички електрични локомотиви.
Кај нас товарниот железнички сообраќај е драстично намален. Со сегашниот промет од околу 858 илјади тони годишно, одвај има работа и за постојните локомотиви, а камоли за нови. Во такви услови, набавката на евтини половни локомотиви претставува најрационално и економски оправдано решение. Такви локомотиви можат да се најдат по многу ниски цени. На веб-сајтот се прикажани конкретни цени на половни дизел и електрични локомотиви. Добра електрична локомотива, стара до 30 години и со релативно мал број работни часови (до 10.000), може да се купи за 500.000 долари, односно околу 430.000 евра. Постарите се уште поевтини, често под 100.000 евра.
Со 20,9 милиони евра би можеле да се набават дури 40 вакви локомотиви, а не само пет. И тоа без воопшто да се зборува за најскапите и најмоќните (5 MW) локомотиви од класата Vectron или од Siemens, кои очигледно не се ни потребни за нашите услови. За споредба, популарните „Кенеди“ локомотиви, МЖ серија 666, имаат моќност од 1,8 MW, што потврдува дека нам не ни требаат скапи локомотиви од 5 MW, особено не 5 парчина.
Кај нас најмоќни се електричните локомотиви од МЖ серијата 461, популарната „Румунка“, со моќност од 5,1 MW, кои можат да ги влечат и најтешките товарни композиции, а истите можат да се набават половни за околу 1 милион евра.
Како и во многу други случаи во оваа земја, прескапо плаќаме нешто што ниту ни е неопходно, ниту пак има шанса да ги врати вложените средства во текот на својот експлоатациски век. Така сме биле и така ќе останеме сиромашни, трупајќи непродуктивен долг за проекти без реална економска оправданост.