Премиерот Христијан Мицкоски најави три нови странски инвестиции – германска, грчка и турска, во вредност од 110 до 120 милиони евра, кои ќе отворат повеќе од 1.500 нови работни места.
Инвестициите ќе бидат во автомобилската индустрија, високите технологии и фармацијата, со локации во Тетово и во индустриските зони во Скопје.
Тој истакна дека Владата води силен инвестициски циклус со цел намалување на невработеноста и подобрување на животниот стандард. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на вработени во октомври годинава надминал 705 илјади, а бројот на невработени е намален на околу 91 илјада. Владата очекува во 2026 година, со нов закон и активни мерки, за првпат да се постигне едноцифрена стапка на невработеност.
За активните мерки за вработување, во Буџетот за следната година се предвидени околу 2,4 милијарди денари, односно рекордни 40 милиони евра.
Мицкоски ги повика иселениците да се вратат во земјата, нагласувајќи дека ќе има зголемена побарувачка за квалификуван кадар.