Управата за јавни приходи соопшти дека обврската за пријавување и оданочување на доход остварен во странство не е нова мерка и не претставува ретроактивна одлука, туку законска обврска што постои со години и е во согласност со домашното законодавство и меѓународните договори.

Во врска со најавениот протест во Куманово, УЈП наведува дека како институција има должност да обезбеди еднаква примена на законите за сите граѓани. Според Законот за данок на личен доход, секој даночен резидент е обврзан да го пријави и оданочи вкупниот светски доход во државата во која е резидент, што е универзален принцип во сите даночни системи.

Од Управата потенцираат дека фактот што во минатото оваа обврска не била доследно контролирана не значи дека таа не постоела. Потенцијалните пропусти, како што наведуваат, се поврзани со претходни раководни структури и не можат да бидат основ за непочитување на важечките законски правила.

УЈП признава дека кај дел од граѓаните постои загриженост поради недоволна информираност за законските обврски, но нагласува дека постапката се спроведува транспарентно, со јасни насоки за доставување документација, поднесување пресметки и плаќање на данокот, без потреба од физичко присуство во службите.

Известувањата што ги добиле граѓаните, според УЈП, не се казнени, туку претставуваат повик за појаснување и утврдување на фактичката состојба, како и можност да се достават докази за точно определување на даночната обврска.

Посебно се нагласува дека нема да има двојно оданочување за лицата кои веќе платиле данок во странство. Согласно закон и договорите за избегнување на двојно оданочување, платениот данок може да се признае како даночен кредит или да се врати, врз основа на соодветни докази. Граѓаните кои сметаат дека им се повредени правата, имаат можност да ги користат сите редовни правни средства.

Од Управата додаваат дека навременото пријавување на доходот е важно не само од даночен аспект, туку и за спречување на стекнување имот од неоданочени средства и за обезбедување правичност при користењето на јавните добра и социјалните права.

„Лицата кои остваруваат доход од странство, а не го пријавуваат, системот не ги препознава како активни даночни обврзници, што може да создаде нерамноправност во однос на оние кои редовно ги исполнуваат своите обврски“, наведуваат од УЈП, додавајќи дека буџетските средства се наменети за сите граѓани и секој треба да учествува во нивното полнење согласно закон.

Управата за јавни приходи порачува дека останува посветена на принципот на еднаквост пред законот и на обезбедување фер и праведно оданочување.