Германија се соочува со долгорочен економски пад доколку структурните реформи не се спроведат брзо, предупреди шефот на главната стопанска комора во земјата, привлекувајќи внимание кон слабиот раст, намалувањето на инвестициите и растечкото губење на работни места.

„Ако не ги решиме структурните предизвици и не спроведеме соодветни реформи, имаме мали шанси повторно да постигнеме одржлив и силен раст во Германија“, изјави за ДПА Петер Адријан, претседател на Германската стопанска комора (DIHK), додавајќи дека „ако продолжиме вака, ако економијата продолжи да стагнира или економскиот раст остане толку пригушен, ќе заостануваме на меѓународно ниво“.

Адријан, исто така, предупреди дека продолжената слабост во најголемата економија во Европа ја намалува фискалната „слобода на маневрирање“ на владата.

„Затоа сега мора недвосмислено и доследно да испраќаме сите сигнали во корист на економскиот раст“, ​​рече Адријан.

Германската економија беше во рецесија во 2023 и 2024 година, а оваа година, според прогнозите, растот ќе биде минимален.

Значително закрепнување не се очекува ниту следната година.

„Само во индустријата, изгубивме уште 170.000 работни места за само една година“, рече Адриан, додавајќи дека капиталните инвестиции паднале на нивоата од 2015 година, што значи дека Германија изгубила една деценија.

Инвестициската активност е клучен индикатор за довербата во бизнисот и очекувањата за иден раст, додаде тој, и тие „очекувања за иднината се исклучително лоши“.

Според Адриан, Германија повеќе не е меѓународно конкурентна за инвестиции.

Тој посочи на индустријата за основни материјали, која се бори со високите трошоци за енергија, како и на автомобилскиот и добавувачкиот сектор.