Само околу 3.000 граѓани од Куманово кои работеле во воените жаришта во Ирак и Авганистан треба да платат милионски суми данок во Македонија ако не докажат дека го платиле меѓународните контрактори што ги ангажирале.

Шок, неизвесност и големо незадоволство владее меѓу неколку илјади кумановски граѓани кои добија опомени од Управата за јавни приходи (УЈП) за неплатен данок на личен доход од странски компании за 2020 година. Станува збор за работници кај американски и регионални компании кои биле контрактори и субконтрактори на американското Министерство за одбрана.

Во разговор за ДВ дел од нив изјавија дека се нашле во правен вакуум бидејќи државата си го бара данокот, а од компаниите за кои што работеле им кажале дека ќе им достават потврди за платен данок, но не во временскиот рок што им го дава УЈП.

„Се чувствуваме изиграни бидејќи државата требало да ни испрати такви известувања по завршувањето на секоја фискална година, а не сега да ни бара документи за 2020 година. Мојата месечна плата изнесуваше меѓу 5 и 10 илјади долари, и сега УЈП ми бара само за шест месеци во 2020 да платам четири илјади евра данок, а дополнително ќе ми пресметаат и за останатите години по 2020, што сѐ вкупно ќе ме чини 17 илјади евра“, изјави за ДВ еден од засегнатите кумановци.

На протестот што го одржаа пред УЈП во Куманово во петокот (26.12.) реагираа дека „државата преку УЈП директно врши притисок врз сопствените граѓани”. Велат дека не бегаат од даноци, но нема да прифатат „неправда, селективна примена на закон и уцени спакувани како информативни пресметки на данок и решенија”.

„Во изминатите две-три недели УЈП нѐ контактираше сите нас, некои писмено, некои телефонски и ни доставија пресметки за 2020 година, денес, пет години подоцна. Сметаме дека УЈП прави сериозни пропусти во постапките – не постапила навремено со евидентирање на приливите. Не донела решение во текот на фискалната или наредната година. Не обезбедила навремени и уредно информирање на граѓаните. Ова не е редовна даночна постапка, ова е лов на пари за полнење на државната каса“, изјави кумановецот Зоран Наковски на протестот.

„Нашите приходи се оданочени“

Некои од засегнатите добиле правна поука да се повикаат на членот 5 од Законот за личен доход, за кој сметаат дека им дава можност да докажат дека не биле резиденти и даночни обврзници во периодот додека работеле и престојувале надвор од државата. Членот 5 инаку вели: „Даночен обврзник е ако резидентот имал престојувалиште на територијата на Република Северна Македонија непрекинато или со прекини 183 или повеќе дена во кој било 12-месечен период“.

Најголемиот дел тврдат дека во странство престојувале по 10 месеци во годината, и дека тоа треба да ги ослободи од данок. „Ни побараа тоа да го докажеме со запис од МВР за влез и излез, но од МВР на нашите барања одговорија дека не чуваат таков електронски запис. Од друга страна, не ни ги признаваат печатите на нашите патни исправи каде се гледа кога сме излегувале од државата и кога сме се враќале“, изјави за ДВ друг засегнат кумановец.

Обвинувања за двојно и тројно оданочување

„Нашите приходи не беа црни пари. Тие се веќе оданочени во државите каде што сме работеле и во матичните држави на компаниите што нѐ ангажираа. Ова што се прави денес е двојно-тројно оданочување, спротивно на правото и законот и здравиот разум. Илјадници семејства преживеаја благодарение на луѓето зад мене. Со тие пари се градеа домови, згради, се школуваа деца и се одржуваше економијата. Денес истата таа држава им врти грб и ги третира како проблем“, порача Наковски на протестот.

Чувството дека државата сака да ги искористи, според она што го раскажуваат, е што на 31 декември 2025 застарува данокот за 2020 година и затоа УЈП брзала да им испрати известувања дури и по електронски пат.

УЈП: Обврската постоела но не била применувана

Во разговор за ДВ граѓанин од Куманово рече дека моментално е невработен веќе четири години и нема од каде да го плати данокот што му го бара државата кој само за шест месеци во 2020 изнесува 2.700 евра, а по проширувањето на пресметката и за другите години ќе треба уште 4.500 евра.

„Работев таму како столар, поправки на брави, врати и сл. Несфатливо ми е тоа ретроактивно оданочување. Пет години нѐ држат во мрак и сега ни бараат пари. Од УЈП велат дека компанијата не платила данок, но како е можно тоа кога таа компанија беше контрактор на американското Министерство за одбрана“, вели тој. Каматата, како што додава, што им ја предочиле од УЈП е 0,03 отсто дневно ако доцнат со уплатата на данокот.

Кумановци во најголем број работеле за американската логистичка компанијата KBR (Kellogg Brown & Root), но според нивни кажувања кои ДВ не можеше да ги потврди, компанијата имала подизведувач во Дубаи, каде ги добивале договорите за работа и каде требало да биде платен данокот.

По бројните прозивки директорката на УЈП Елена Петрова во петокот (26.12) рече дека не станува збор за ретроактивно оданочување, ниту за нова мерка, туку за постоечка законска обврска утврдена со Законот за данок на личен доход и претходно со Законот за персонален данок на доход. „Фактот што во минатото обврската не била доследно применувана не значи дека не постоела, ниту дека може да биде изземена од законската примена“, порача Петрова.

На прашањето на ДВ до претходното раководство на УЈП зошто на време не се извршиле известувањата и наплатата на данокот, кратко одговорија дека сегашната директорка Петрова пред стапувањето на функцијата била раководителка на Секторот за наплата и управување со долгови и дека не може претходното раководство да биде виновно за задоцнетата постапка.

Извор: DW