Годинашниот самит на Светскиот економски форум (СЕФ) ќе се одржи од 19 до 23 јануари 2026 година во Давос, Швајцарија.  Самитот се одржува под името „Духот на дијалогот“, а неговото одржување е во време на зголемени геополитички тензии, забавување на растот во одредени делови од светот и забрзани технолошки превирања на економиите. Поради тоа организаторите најавуваат разговори насочени кон „ресетирање“ на довербата и барање заеднички решенија.

Годинава се очекуваат до 3.000 бизнис лидери од околу 130 земји, вклучувајќи околу 60 шефови на држави и влади, заедно со високи претставници на меѓународни организации, претставници на граѓанското општество и академската заедница, како и лидери на големи компании.

Освен американскиот претседател Доналд Трамп, од СЕФ  објавија и дека се очекува присуство на лидерите на најразвиените земји од Г7 во светот, потоа на Г20 и БРИКС.

Организаторите на самитот наведуваат дека програмата на Давос 2026 е фокусирана на пет главни прашања кои грубо треба да ги одредат дискусиите и форматот на состанокот на политичките и бизнис лидерите.

Првото е како да се соработува во сè повеќе „спорен“ и поделен свет – со променливи сојузи и растечка недоверба меѓу државите.

Потоа, учесниците ќе се осврнат на прашањата како да се отклучат нови извори на раст, со притисоци врз продуктивноста и промени во глобалната трговија и финансии.

Една од темите е како одговорно да се применат иновациите, со фокус на вештачката интелигенција, квантното пресметување и „граничните“ технологии, но и на тоа кој има пристап до тие алатки.

Клучниот предизвик ќе биде како да се применат овие технологии на одговорен начин, со соодветно управување со ризици, но и како да се обезбедат инвестиции и инфраструктура неопходни за енергетската транзиција и дигиталната трансформација. Учесниците ќе дискутираат за тоа како да се изгради просперитет во рамките на планетарните граници – здружувајќи ја економијата, енергетската транзиција и отпорноста на климатските и ресурсите, пренесува Еуроњуз.