Северна Македонија располага со стотици милиони евра од ЕУ фондови за инфраструктура, животна средина и реформи, но искористеноста е „релативно слаба“. ЕУ буџетот за 2026 предвидува финансирањето да се базира на конкретни резултати. Проблем се и злоупотребите како последниот со ИПАРД фондовите, поради што средствата се стопирани.

Централната пречистителна станица за отпадни води во Скопје е проект поддржан од Европската унија со грант од 70 милиони евра.

Иако проектот треба да обезбеди третман на отпадните води за над половина милион жители во главниот град и значително да го намали загадувањето на реката Вардар, реализацијата доцни со години.

Слично е со проектот за железничката линија од Северна Македонија до Бугарија кој е дел од Пан-европскиот Коридор 8 со стратешко значење за поврзување на земјата со европските транспортни мрежи. За овој проекти од ЕУ се обезбедени околу 200 милиони евра.

Околу 100 милиони евра од ЕУ фондови се одобрени за модерно управување со отпад кои земјата не успева да ги искористи и да воспостави современ систем за управување со отпад.

Наместо тоа, скоро секоја педа од земјата е загадена и затрупана со диви ѓубришта и нестандардизирани депонии, а проектите не може да се реализраат поради административни, институционални и локално-политички блокади.

Северна Македонија има пристап до финансиските инструменти на ЕУ, меѓу кои ИПА III фондовите и Европскиот план за раст – пари наменети за финансирање реформи, инфраструктурни и еколошки проекти, зајакнување на јавната администрација и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Преку нив на располагање се стотици милиони, дури и милијарди евра, но досегашните податоци на ЕУ и други организации што ги следат процесите, покажуваат дека искористеноста на средствата е „релативно слаба“, со многу проекти што се договорени, но сè уште нереализирани.

Во ваква ситуација, земјите кандидатки ќе се соочат со нов предизвик: идното финансирање сè повеќе ќе зависи од конкретните резултати на терен.

Ова особено ќе важи со Буџетот на ЕУ за периодот по 2027 година, кога системот ќе биде целосно фокусиран на реформските агенди, а земјите ќе добиваат финансиска поддршка само по завршување на одредени реформи.

ЕУ ќе бара конкретни резултати

Унијата се фокусира на конкретни резултати, видливи ефекти и спроведени реформи, како што велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје за Радио Слободна Европа, од каде посочуваат дека предизвиците за земјата и во иднина се очекува да бидат „административниот капацитет и апсорпцијата“ на средства.

„Северна Македонија сè уште ги спроведува обврските според претходните рамки за помош, заедно со тековната поддршка поврзана со реформите, што претставува дополнителен притисок врз веќе слабите административни, програмски и имплементациски капацитети“, велат од Делегацијата на ЕУ.

Брзото справување со овие структурни слабости, заедно со посилната политичка волја за спроведување на усвоеното законодавство, ќе биде од суштинско значење за да се обезбеди дека идната поддршка од ЕУ може ефикасно и без одложувања да се апсорбира, велат од Делегацијата на ЕУ.

Performance Based рамка

Само во тековната програма ИПА III на ЕУ се предвидени 14,2 милијарди евра за сите земји кандидатки за членство, како што објавија европските институции во 2021 година.

Со овие пари, како и со досега одобрените, земјата постепено треба да ги усогласи своите институции, инфраструктура, економија, пред официјалното да стане членка во Унијата.

Но, новиот модел на финансирање врз резултати (Performance Based Budgeting) ќе претставува сериозен и суштински предизвик за државата, вели Андреа Стојковски од Преспа институтот кој работи на истражувања и анализи за забрзана европеизација на земјава.

Причина за историски релативно ниската искористеност на ИПА-фондовите, според Стојковски е поради често фрагментирана институционалната координација, недоволно ориентирана кон конкретни резултати.

„Ова особено се гледа преку имплементацијата на Реформската агенда: од вкупно 136 реформски чекори, 20 требаше да бидат исполнети до двата рокови – 31 декември 2024 и 30 јуни 2025 – но Европската комисија потврди реализација на само 6 мерки“, вели Стојковски.

„Овој значителен јаз помеѓу планираното и оствареното ја открива длабоката слабост на системот кој влегува во Performance Based рамка со сериозни структурни недостатоци.“ додава тој.

Силна координација меѓу институции

Од Делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека пристапот до финансирање поврзан со реформите ќе зависи од ефикасното исполнување на обврските утврдени во Агендата за реформи и тоа ќе бара силна и јасна одговорност меѓу институциите секој чекор во реформите.

Ќе се бара и силна експертиза за технички сложените реформи, транспарентни процеси и јавни консултации, особено кога ќе бидат потребни законски измени и рана координација со Европската комисија за да се избегнат доцнења.

„Успешното спроведување зависи од робусна меѓуинституционална координација, со надлежни институции одговорни за реализација, централна координативна функција за обезбедување кохерентност и здраво буџетско планирање за покривање на трошоците за имплементација, вклучително и персонал и набавки“, се вели во одговорот на Делегацијата на ЕУ.

Стојковски вели дека тоа ќе значи исплатата на средства директно условена од конкретни, мерливи и проверливи резултати.

„Овој пристап бара јасни индикатори, проверливи докази и високо ниво на административна дисциплина, бидејќи исплатата на средствата се врзува за ефективно спроведени реформи“, вели Стојковски.

„Моделот „финансии за реформи“ веќе се применува во рамките на Европскиот план за раст, при што траншите ќе се исплаќаат единствено кога ќе се потврди дека државата направила реални, документирани придвижувања во клучните реформски сектори“, вели тој.

Инвестирани милијарди евра

Податоците на Делегацијата на ЕУ во Скопје покажуваат дека досега само преку инструментот ИПА, од 2007 година наваму, се инвестирани околу 1,6 милијарди евра во пет клучни области во Северна Македонија.

Тоа се владеење на право, демократија и добро владеење, заштита на животната средина, економски развој и човечки капитал, како и земјоделство и рурален развој.

Преку ИПА програмата во периодот 2014–2022 година, ЕУ инвестирала 3,24 милијарди евра во проекти од регионално значење за Западен Балкан.

Во јавниот сектор на Северна Македонија, Инвестициската рамка за Западен Балкан поддржала инвестиции од вкупно 3,8 милијарди евра, со грантови и техничка помош од над 500 милиони евра.

Во периодот 2021–2024, околу 973 милиони евра биле насочени кон одржлив транспорт, чиста енергија и управување со отпад и отпадни води, при што значителен дел преку ИПА фондовите и билатерални донатори.

Во однос на користењето на европските пари, проблем се и злоупотребите во земјава. Последен случај е злоупотреби на ИПАРД фондовите, поради што средствата беа стопирани.

Јавното обвинителство води истрага за сомнежи за поткуп а засега институциите не даваат јасен одговор кога средствата ќе бидат одблокирани. Од Обвинителството информираат дека истрагата е во тек, додека проверките на апликациите се спроведуваат заедно со Европската комисија.