Германскиот канцелар Фридрих Мерц, во писмо до пратениците на владејачката коалиција во Берлин, кое делумно го објавија германските медиуми вчера, истакна дека приоритет за 2026 година е стимулирање на економскиот раст и подобрување на деловната клима во земјата. Тој наведува дека претходните одлуки не ја подобриле доволно конкурентноста на германската економија, а состојбата во одредени сектори ја означил како „многу критична“.

Според Мерц, проблемите влијаат и на големите индустриски концерни и на значителен број средни и мали компании, додека кај многу компании се евидентираат загуби на работни места. Тој оцени дека состојбата на индустријата е алармантна во одредени гранки, без да го прецизира секторот, но во контекстот првенствено се осврнува на автомобилскиот и производствениот сектор, пренесува Дојче Веле.

Предупредувањето доаѓа по 2025 година, која беше обележана со стагнација на економскиот раст, големи отпуштања во клучни индустрии како автомобилската индустрија и бран банкроти какви што Германија не видела со години. Мерц изјави дека владејачката коалиција затоа ќе мора да се фокусира на „правилните политички и правни одлуки“ со цел драстично да ги подобри условите за водење бизнис. Тој особено истакна дека германската економија се соочува со променети глобални околности во кои претходните модели повеќе не даваат резултати.

Во писмото, тој оцени дека продуктивноста во Германија „веќе не е доволна“, наведувајќи ги високите трошоци за работна сила и енергија, прекумерните бирократски пречки и високите даночни оптоварувања како клучни проблеми. Мерц предупреди дека само решителни политички и правни мерки можат значително да ги подобрат условите за бизнис и да ѝ овозможат на германската економија да излезе од кризата. Канцеларот истакна дека е потребно да се фокусира на реформи што ќе го стимулираат растот и ќе ја зајакнат индустриската и економската конкурентност на земјата.