Државата го потроши речиси целиот дел од Унгарскиот кредит предвиден за македонските компании. Последната транша исплатена кон Развојната банка изнесува скоро 7 милиони евра, а таа се очекува да ги прераспредели парите по комерцијалните банки каде фирмите аплицирале со свои проекти.

Вкупно 224,3 милиони евра се исплатени до сега од вкупно 250 милиони предвидени од унгарскиот кредит исвести денеска преку соопштение Министерството за финансии. Последната нова транша изнесува 6,9 милиони евра, со што преостануваат уште 25 милиони за во следниот период. Од Развојната банка преку која се префрлаат парите од кредитот за Телма велат дека очекуваат до април да бидат префрлени сите пари потребни за развој на стопанството. Ова е десетта транша за која се уште нема податоци колку компании ќе ја искористат, но од банката велат дека сега веќе трансферите се забавени, бидејќи големите банки ги искористиле можностите за кредитирање на компаниите. Претходните две транши исплатени пред Нова година банката финансирала 45 одобрени проекти на домашни компании.

„Средствата од оваа транша се наменети за проекти на 2 микро, 24 мали, 6 средни и 13 големи компании. За инвестиции во градежнa опрема наменети се 10,9 милиони евра, за инвестиции во обновливи извори на енергија 3,1 милиони евра, додека за инвестиции во транспортни средства 177 илјади евра. Од оваа транша најголем дел од средствата се наменети за 23 проекти на компаниите со претежна производствена дејност“, соопштуваат од Развојна банка.

Кои точно фирми земале кредит од државата која пак се задолжи преку кредит во Унгарија за сега останува тајна. Условите за земање кредит за фирмите се со 1,95 % камата, грeјс период од 3 години и рок на отплата до 15 години. Тие за проектот кој ќе го финансираат од кредитот мора да имаат сопствено учество од 20 %. Кредитите за компаниите се дел од милијарда евра заем кој Македонија го доби од Унгарија. Двесте и педесет милиони евра се за компаниите, исто толку за локалните власти, а 500 милиони за враќање стари заеми на државата.