Македонија се задолжи за една милијарда евра. Министерството за финасии (МФ) соопшти дека успешно е реализирана аукцијата за 10-тата еврообврзница која беше одлучено да издаде со две транши од по 500 милиони евра, со рок од четири години, односно осум години.
„Фактот дека Министерството успеа да пласира осумгодишна обврзница, дополнително говори за довербата во реформските планови на Министерството за финансии и Владата, имајќи предвид дека последен пат вакво доспевање беше постигнато пред повеќе од 20 години. Само еден час по објавување на почетните каматни стапки, побарувачката од инвеститорите достигна импресивни две милијарди евра, со диверзифицирана база на инвеститори ширум светот, вклучувајќи еминентни институционални инвеститори од Германија, САД и Велика Британија. Пред отворањето на американскиот пазар, книгата на инвеститори достигна дури три милијарди евра, а по неговото отворање максималната понуда надмина четири милијари евра, што претставува исклучителен показател за силната доверба во економските политики и стабилноста на земјата“, соопшти министерството за финансии.
Над 150 глобални инвеститори, се додава во дописот на МФ, изразиле интерес за поддршка на државата во овој проект.
„Каматните стапки за двете транши изнесуваат: 3,875 % за траншата со рок на достасување од четири години и 4,750% за траншата со рок на достасување од осум години. Со изборот на стратешкиот моментот на издавање, како и со структурата на задолжувањето, беше постигнато значително намалување на приносите, конкурентно во однос на земјите со инвестициски кредитен рејтинг (околу 0,5% во споредба со просекот од 0,25%). Тоа дополнително се потврдува со фактот за големата побарувачка од страна на најеминентните меѓународни инвеститори. Излезот на меѓународниот пазар има стратешки карактер, имајќи ги предвид потенцијалните турбуленции во доменот на геополитиката и макроекономската неизвесност на глобално ниво“, се наведува во соопштението на МФ.