Претседателот на САД изненади со новите ставови околу производителите на автомобили од Кина и очекувано искажа скепса околу спогодбата за слободна трговија со Канада и Мексико.
Доналд Трамп го искористи своето обраќање пред Економскиот клуб на Детроит за да изрази задоволство од индустриско – политичките мерки на неговата влада. Според неговото мислење, царините и ублажувањето на стандардите за екологија довеле до бум во автомобилчската индустрија во САД.
Трамп го повтори својот став дека им дозволува на кинеските производители на автомобили да изградат фабрики во САД. Џили е една од компаниите што имаат планови да се прошират на пазарот во Северна Америка.
„Ако тие сакаат да дојдат и да изградат фабрика, за да ги вработат вашите пријатели и соседи, тоа е добро, ми се допаѓа,“ кажа Трамп во неговото обраќање неделава. „Нека дојде Кина, нека дојде Јапонија.“
Трамп ги слави своите успеси со царините
Трамп посвети голем дел од својот едночасовен говор на контроверзното прашање околу царините. Тие предизвикаа значителни промени во политиката за набавка на суровини и материјали и во инвестициската политика на производителите на автомобили и на нивните добавувачи.
Тој укажа на ланските најави од таканаречената Детроитска Тројка – Џенерал Моторс, Форд и Стелантис – дека тие ќе инвестираат во своите фабрики во САД. За Трамп, тоа претставува доказ дека неговата трговска политика придонесува да се обнови производството во земјата.
„Уште еднаш, таканаречените експерти беа 100 проценти во криво, а Трамп беше во право”, рече Трамп.
Ќе се ублажат стандардите за потрошувачката на гориво
Неговите коментари доаѓаат по годината што беше мошне турбулентна за индустријата. Производителите најавија огромни инвестиции во производството во САД, со цел да ги избегнат финансиските товари од царините што ги воведе Трамп.
Трамп истакна дека ќе ги олесни стандардите за потрошувачка на гориво во корист на производителите – од 50,4 милји по галон на 34,5 милји, почнувајќи од моделската година 2031. Тој исто така ќе ги ублажи и стандардите за емисија на штетни материи, коишто, според неговите зборови, „оневозможуваат да се произведе автомобил со достапна цена“.
Но, додека Трамп се претставуваше себеси како спасител на автомобилската индустрија во САД, до претседателот беа упатени и критики во Економскиот клуб во Детроит.
„На компаниите не им се допаѓа неизвесноста“
За време на панел-дискусијата, Габриел Ерлих, економист на Универзитетот во Мичиген, предупреди дека царинската политика на Трамп води кон тоа возилата да поскапат во просек за 3.000 долари. Новите возила во САД веќе чинат во просек речиси 50.000 долари (малку под 43.000 евра).
На краток рок, царините може да поттикнат бран на инвестиции во САД, но на подолг рок ќе се покаже дека тоа е скапа мерка, изјави Мери Бухзајгер, извршна директорка на добавувачот „Луцерн Интернешнл“. Тоа ќе предизвика засегнатите компании „да бидат помалку конкурентни од останатиот свет”.
Брзите и драстични промени во трговската политика и неизвесноста околу спогодбата за слободна трговија со Мексико и Канада им предизвикуват тешкотии на компаниите при планирањето за иднина, продолжи Бухзајгер: „На компаниите не им се допаѓа неизвесноста”.
Се проверува можноста за реципрочни царини
Трамп честопати зборуваше околу своите намери да го преиспита договорот за слободна трговија меѓу САД, Канада и Мексико и, доколку е потребно, да го раскине. Тој го нагласи тоа пред својот говор во Детроит за време на посетата на комплексот „Руж” на Форд, каде што се произведува пикапот Ф-150.
„Може да го имаме, а може и да го немаме. Не ми е грижа“, рече Трамп. „Канада го сака. Тој им е потребен, но нам не ни се потребни канадските производи. Тоа е поентата. Сакам да бидам фина личност, но нам не ни е потребен. Сакам да ги произведувам автомобилите овде, а не во Канада.“
Белата куќа во моментов чека одлука од Врховниот суд за законитоста на реципрочните царини, коишто се одредуваат различно од земја до земја. Одлуката се очекува да биде донесена во текот на овој месец. Доколку не успее да го добие тоа што го сака, Трамп рече: „ќе смислиме нешто“. Реципрочните царини во САД се исто толку високи колки царините во останатите земји за увоз на производи од САД.