По одложување од седум месеци, Европската комисија одлучи да ги исплати на Србија првите средства од Планот за раст во износ од 57 милиони евра, јави РТС.
Одобрените средства се однесуваат на реформи спроведени во втората половина од 2024 година, а одлуката официјално ќе биде објавена денеска за време на дебатата за Планот за раст во Европскиот парламент.

Од седумте чекори предвидени со Агендата за реформи за тој период, Европската комисија процени дека Србија постигнала три чекори, па наместо целиот износ од 112 милиони, на Србија ќе и бидат исплатени 57 милиони евра.

Комисијата оцени дека Србија не ги спроведе чекорите поврзани со измена на законите за медиуми, ревизија на избирачкиот список во согласност со препораките на ОДИХР, избор на новиот Совет на РЕМ и други во предвидениот рок.

Некои од тие мерки беа последователно усвоени и ќе бидат вклучени во следната евалуација.

Во истиот период, Албанија имплементираше 21 од можните 41 чекори и повлече 44 проценти од достапните средства, Црна Гора имплементираше 12 од 25-те чекори и искористи 38 проценти од средствата, додека Северна Македонија повлече 29 проценти од средствата, според интерниот документ на Европската комисија за спроведување на Планот за раст за Западен Балкан, наведува медиумот.

Додека Црна Гора и Северна Македонија ги добија првите исплати во јули 2025 година, одлуката за Србија беше донесена дури на почетокот на оваа година.

Двапати годишно, Европската комисија, врз основа на извештаи од земјите од регионот, проценува дали договорените мерки се спроведени во предвидениот рок и врз основа на тоа врши плаќања.

За да ги повлече доделените пари од вкупно една милијарда и 588 милиони евра, Србија ќе мора да спроведе 98 мерки наведени во Агендата за реформи во четири клучни области: деловно опкружување и развој на приватниот сектор, зелена и дигитална транзиција, човечки капитал и владеење на правото.