Германските компании денес се многу повнимателни кога станува збор за инвестиции во Соединетите Американски Држави, бидејќи нивните директни инвестиции во првата година од вториот мандат на претседателот Доналд Трамп се речиси преполовиле, според студијата на Германскиот економски институт (IW).

Од февруари до ноември 2025 година, германските директни инвестиции во САД се намалиле за 45 проценти, на околу 10,2 милијарди евра, според истражувањето засновано на податоци од Бундесбанк.

Во истиот период минатата година, инвестициите изнесувале речиси 19 милијарди евра, објавува Wirschaftsvohe.

Поради изразените осцилации во инвестициските текови, IW ги спореди податоците со просечната инвестиција за периодот од 2015 до 2024 година, која изнесува околу 13,4 милијарди евра. Вредноста на инвестициите откако Трамп ја презеде функцијата е исто така значително помала во таа споредба, за 24 проценти, според експертот на IW, Самина Султан.

Целта на администрацијата на Трамп беше странските компании да го зголемат своето присуство во Соединетите Американски Држави по воведувањето на царините или да преместат дел од своето производство таму за да избегнат дополнителни трошоци.

IW проценува дека политичката и економската неизвесност имаат спротивен ефект, бидејќи компаниите што планираат големи инвестиции сметаат на стабилни услови за неколку години. Додека основната рамка на работењето може да се менува од ден на ден, компаниите, како што оценува Султан, претпочитаат да одлучат да ги одложат инвестициите.

IW заклучува дека во моментов постои тренд германските компании да ги задржат инвестициите во Соединетите Американски Држави, што е спротивно на целта на американската влада за обнова на домашната индустриска база со помош на странски капитал.