Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, ненадејно напуштила ексклузивна вечера во Давос откако американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, почнал да зборува за Европа, според луѓе запознаени со ситуацијата.

На ВИП настанот во вторникот вечерта присуствувале повеќе од 100 луѓе, а Лутник бил последен говорник, посочуваат изворите, кои побарале да останат анонимни.

Говорот на Лутник пред гостите на вечерата ги омаловажил европските економии и нивниот недостаток на конкурентност во споредба со моќта на САД. Тоа предизвикало неколку Европејци во просторијата да се почувствуваат непријатно, а како што ескалирале критиките, Лагард била видена како излегува, посочуваат изворите.

Американскиот функционер говорел од крајот од просторијата, а неговите забелешки биле дочекани со извици, посочува еден човек. Американскиот трговски претставник, Џејмисон Грир, бил сместен на главната маса, на која бил и главниот извршен директор на „Блекрок“, Лари Финк.

Претседателката на ЕЦБ е поранешна министерка за финансии на Франција, а исто така го водеше и Меѓународниот монетарен фонд во поголемиот дел од првиот мандат на Трамп. Таа на почетокот на 2024 година почна да предупредува дека неговото враќање во Белата куќа може да предизвика проблеми за Европа.

ЕЦБ одби да коментира. Портпаролот на Лутник не одговори веднаш на барањето за коментар.

Еден европски извршен директор, зборувајќи под услов да остане анонимен, рече дека Лагард била во право што излегла од таа вечера и дека Европа треба да почне да се залага за себе.

Нов светски поредок

Лагард во средата наутро говореше за радио РТЛ, истакнувајќи дека „гледаме како се крева завесата на новиот светски поредок“.

„Заканата за земање територија како Гренланд што не е на продажба и мавтањето со царини и ограничувања за глобалната трговија не е соодвето однесување за некој што се претставува како сојузник“, рече таа. „Овој нов светски поредок мора да нè наведе длабоко да го ревидираме начинот на кој ја организираме нашата економија во Европа, и начинот на кој градиме врски со други земји во светот кои играат според истите правила како нас“.

Зборувајќи на Светскиот економски форум во среда, извршниот директор на „ЏП Моргна“ (JPMorgan Chase & Co.), Џејми Дајмон, рече дека ќе користи поинаков пристап од претседателот Доналд Трамп во решавањето на разликите меѓу САД и Европа, со цел регионот да се направи посилен наместо пофрагментиран.

„Би бил поучтив во врска со тоа, во врска со слабостите на Европа“, рече тој.

Инцидентот со вечерата во Давос првпат беше објавен од „Волстрит Журнал“ (Wall Street Journal).