Институциите на ЕУ нагласуваат дека одлуката за суспендирање на договорот со САД не е насочена против трговијата, туку против политиката на притисок и закани. Сепак, јасно е дека новите царини индиректно го загрозуваат целиот свет, вклучително и Западен Балкан, кој би можел да ги почувствува последиците преку извозот, инвестициите и секојдневната економија на регионот.
Веста дека Европскиот парламент одлучи да ја суспендира ратификацијата на трговскиот договор меѓу Европската Унија и САД, кој предвидуваше царини од 15% за извозот од ЕУ, ја потресе светската јавност и предизвика шпекулации за тоа какво влијание би имало тоа на глобално ниво.
Оваа одлука дојде како одговор на најновите закани од американскиот претседател Доналд Трамп и доби поддршка од најголемите политички групи во Европскиот парламент.
За време на последната фаза од преговорите за трговскиот договор, Европската Унија привремено ги суспендираше сопствените контрамерки , имено царините за американски стоки во вредност од 93 милијарди евра. Оваа суспензија истекува на 6 февруари. Доколку до тој датум ниту суспензијата не се продолжи, ниту трговскиот договор не биде одобрен од парламентот, европските царини за американски стоки ќе стапат на сила веќе на 7 февруари.
Понатамошните случувања би можеле сериозно да ги комплицираат трговските односи меѓу Брисел и Вашингтон, велат експертите, во време кога трансатлантските односи се веќе под притисок поради голем број отворени политички и безбедносни прашања.
Суспензијата на ратификацијата на договорот со САД има и пошироки, глобални импликации. Кога двете најголеми трговски сили во светот ќе влезат во фаза на отворено несогласување, последиците неизбежно се прелеваат во глобалните синџири на снабдување.
Трети земји, од Азија до Латинска Америка, може да се соочат со прекини во трговијата, промени во цените и намалена инвестициска активност. Неизвесноста во односите меѓу ЕУ и САД, исто така, влијае на глобалните финансиски пазари, зголемувајќи ја претпазливоста на инвеститорите и намалувајќи го апетитот за ризик.
Во дипломатските кругови во Брисел често се слуша дека ваквите трговски тензии ја поттикнуваат фрагментацијата на глобалната економија и слабеењето на мултилатералните правила, што на долг рок е штетно за помалите и поотворени економии.
Институциите на ЕУ нагласуваат дека одлуката на Европскиот парламент не е насочена против трговијата, туку против политиката на притисок и закани. Сепак, јасно е дека светот повторно се приближува кон фаза во која трговијата станува инструмент на геополитиката, а колатералната штета често ги погодува оние што седат на помалата маса.
За земјите од Западен Балкан, ова е уште еден потсетник за тоа колку нивната економска судбина е поврзана со стабилноста и силата на Европската Унија и колку глобалните трговски конфликти, дури и кога не го вклучуваат директно регионот, можат да имаат многу конкретни последици за секојдневната економија.
За Македонија и другите земји од Западен Балкан кои не се членки на ЕУ, ефектите не се непосреедни, но се многу реални.
Директно кажано, овие земји не се дел од договорот меѓу ЕУ и САД и веќе се соочуваат со релативно помалку поволни услови за извоз на американскиот пазар, честопати со повисоки тарифи од оние што се применуваат на стоките од ЕУ. Ова значи дека секое заострување на трговската политика на САД дополнително го попречува нивниот пристап до американскиот пазар.

Економиите на Западен Балкан се силно поврзани со Европската Унија, не само преку трговијата, туку и преку инвестициите и производствените синџири. Доколку европските компании го намалат производството или извозот поради американските царини, тоа автоматски ќе влијае на добавувачите од Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
Особено ранливи се секторите како што се автомобилската индустрија, преработката на метали и компонентите, каде што регионот е длабоко интегриран во европските вредносни синџири.
Во Македонија и Западен Балкан ефектите доаѓаат преку помала побарувачка од ЕУ и послаби инвестициски приливи, што може да го забави економскиот раст и да ги погоди буџетите на домаќинствата. Анализите на Европската комисија и ОЕЦД покажуваат дека ваквите трговски конфликти најмногу ги погодуваат обичните потрошувачи, бидејќи трошоците за царини и производствени шокови се пренесуваат на буџетите на домаќинствата, а не на преговарачите или политичките лидери, додека помалите и средните економии, како што се Македонија и регионот на Западен Балкан, ги чувствуваат индиректните последици преку помал раст и понесигурен пазар на трудот.

Во исто време, компаниите што зависат од извозот во САД може да го забават производството или да ги замрзнат вработувањата, што се прелева на пазарот на трудот преку помал раст на платите и ограничени нови можности за работа.