Новата регулатива предвидува постепена забрана до 2027 година и национални планови за диверзификација на снабдувањето.

Земјите членки на Европската унија денеска едногласно усвоија регулатива за постепено укинување на увозот на руски гас, со што официјално започнува процесот на целосно откажување од руските енергетски извори.

Како што соопшти Советот на Европската унија, регулативата претставува клучен чекор во спроведувањето на планот REPowerEU, чија цел е да се стави крај на долгогодишната зависност на Унијата од руската енергија.

„Од денес, енергетскиот пазар на ЕУ станува посилен, поотпорен и подиверзифициран. Се одвојуваме од штетната зависност од рускиот гас и правиме голем чекор, во духот на солидарноста и соработката, кон автономна енергетска унија“, изјави кипарскиот министер за енергетика, трговија и индустрија, Мајкл Дамианос.

Според усвоената регулатива, забраната за увоз на руски гас ќе почне да се применува шест недели по нејзиното стапување во сила. Постојните договори ќе имаат преоден период, со цел да се намали притисокот врз цените и енергетските пазари.

Целосната забрана за увоз на течен природен гас ќе стапи на сила на почетокот на 2027 година, додека увозот преку гасоводи ќе биде забранет од есента истата година.

Пред одобрување на кој било увоз на гас во Унијата, земјите членки ќе мора да ја проверуваат земјата на потекло на гасот, а не само рутата на испорака. Непочитувањето на новите правила ќе повлекува високи финансиски санкции, најмалку 2,5 милиони евра за физички лица и најмалку 40 милиони евра за компании.

До 1 март 2026 година, сите земји членки се обврзани да подготват национални планови за диверзификација на снабдувањето со гас, како и да ги идентификуваат можните ризици и предизвици поврзани со замената на рускиот гас.