Амазон ги извести вработените дека планира да укине околу 16.000 работни места на глобално ниво, како дел од напорите за рационализација на операциите и намалување на бирократијата во целото работење.

Како што пренесе ДПА, ова е најновиот голем круг отпуштања кај малопродажниот и технолошки гигант, кој доаѓа само три месеци откако компанијата скрати околу 14.000 работни места.

Се подразбира дека најголемиот дел од работните места погодени од последните кратења ќе бидат во САД.

Еден од потпретседателите на Амазон, Бет Галети во објава на блог напиша дека „се работи на зајакнување на организацијата преку намалување на слоевите, зголемување на одговорноста и отстранување на бирократијата“.

„Некои од вас можеби ќе прашаат дали ова е почеток на нов ритам – каде што најавуваме обемни намалувања на секои неколку месеци. Тоа не е наш план“, напиша тој.