Протестот доби поддршка од СДСМ и од Левица. Филипче изјави дека тие не учествуваат во организацијата, но дека нивните членови што се незадоволни од платите, имаат право да отидат на протестот
Пред денешниот голем работнички протест за поголеми плати што го организираше Сојузот на синдикати, се огласи и Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“, чии членови исто така го поддржаа протестот. Таа им порача на политичките партии да не ги поддржуваат и да не помислат да дојдат на протестите.
„Бидејќи гледам политички партии почнаа да даваат поддршка на протестот, јас да си кажам дека треба да си тргнат канџите од утрешниот протест! И да не помислат да дојдат. Се виде сите партии 30 и кусур години што направија за македонскиот работник, па нејасно ми е како сега уста полна со работниците и нивните плати“, напиша Ампева на социјалните мрежи.
Таа им порача: „Никаков аир ако давате поддршка, нема никому услуга да направите. Само штета. Оставете ги работниците сами да се изборат за своите права, плати и достоинство.“
Протестот доби поддршка од опозициските партии СДСМ и Левица.
Од СДСМ велат дека во нивно време парите завршувале кај граѓаните, ја зголемиле минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари, а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
„СДСМ го поддржува протестот на работниците и на Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата. Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте, а платите стојат во место“, соопштија од СДСМ.
Лидерот на партијата Венко Филипче, на новинарско прашање вчера рече дека тие не учествуваат во организација на протестите, но дека нивните членови што се незадоволни од платите, имаат право да отидат на протестот.
И Партијата Левица соопшти дека дава целосна и недвосмислена поддршка на протестот на работниците во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија.
„Трошоците за живот постојано растат, додека платите стагнираат. Работниците веќе немаат време за чекање, а Владата мора итно да преземе конкретни чекори за подобрување на нивниот економски статус“, велат од Левица.
Во соопштението се упатува и остра критика кон владејачката коалиција ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ, која, според Левица, работи исклучиво во интерес на бизнис-елитите, а не во корист на граѓаните.
Од Сојузот на синдикати изјавија дека денешниот голем протест е само почеток, дека следуваат блокади на институции, а ако треба и генерален штрајк.