Во Обединетите Арапски Емирати, вклучително и Дубаи, се менуваат правилата за инфлуенсерите. Оние кои сакаат да објавуваат промотивни содржини на нивните профили ќе треба да извадат посебна дозвола. Инфлуенсерите кои се од странство, ќе треба да извадат и посебна дозвола за странци која ќе важи три месеци и чини околу 1.300 долари.

Обединетите Арапски Емирати ги менуваат правилата за инфлуенсерите – сите кои објавуваат промотивни содржини на социјалните мрежи, мора да имаат извадено посебна дозвола.

Целта на овие измени е да се заштити јавноста од лажни и содржини кои можат да доведат до заблуда, на социјални мрежи како Инстаграм, Фејсбук и ТикТок.

Правилото важи за инфлуенсери, но и корисници на социјалните мрежи кои објавуваат какви било содржини што се промотивни.

Притоа, не е важно дали добиле финансиски надомест за објавата или сте направиле спогодба со бесплатен продукт, услуга и слично.

Измените во законот првпат беа претставени во јули 2025-та, а сега надлежните споделија дека крајниот рок за подигнување на дозволата за рекламирање е 31-ви јануари.

Дозволите за рекламирање ќе бидат бесплатни во првите три години, а потоа ќе се плаќа околу 270 долари годишно.

Инфлуенсерите и туристите од други земји кои ќе сакаат да промовираат онлајн  ќе треба да извадат уште една дозвола, наменета за посетители.

Дозволата за странци ќе има важност од три месеци и потоа може да се продолжува. Дозволата за странци засега чини околу 1.300 долари.

Како што пренесува Time Out Dubai, дозвола можат да добијат само лица постари од 18 години, како и лица кои во минатото не ги прекршувале правилата за користење на социјалните мрежи.

Правилата за жителите на Емиратите и странците малку се разликуваат, па препорачливо е странците кои сакаат да промовираат добро да истражат кои се документи и дозволи ќе им бидат потребни.

Ако сакате да одите во Дубаи или каде било во Обединетите Арапски Емирати и да работите како инфлуенсер, а немате државјанство, тогаш можно е да треба да аплицирате и за бизнис лиценца.

Ќе биде потребна и лиценца за работа со електронски и дигитални медиуми.

Сепак, овие лиценци се потребни само за инфлуенсери кои редовно заработуваат од нивните содржини. Односно, ако инфлуенсерот нема редовен приход од оваа работа и прави само мали промоции без финансиски надомест, тогаш нема потреба од лиценцата.

Дубаи веќе прави напори да привлече повеќе инфлуенсери и на некои подобро квалификувани им нуди поволности како „златна виза“ за Емиратите.

Со оваа виза, инфлуенсерите можат самостојно да живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати и до 10 години.

Потребните дозволи, заедно со условите и правилата, може да се најдат на официјалниот веб-сајт на National Media Authority.