Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 2,0 % повисока во однос на минатата година.
Водечката банка во земјава, Комерцијална банка АД Скопје минатата година оствари добивка пред оданочување во износ од 5.632,6 милиони денари наспроти 5.482,1 милион денари во 2024 година, што претставува зголемување за 2,7 отсто, се вели во коментарот на неревидирани и неконсолидирани Биланс на успех и Биланс на состојба на Комерцијална банка за периодот 01.01. – 31.12.2025 година. Планираната бруто- добивка за 2025 година е остварена со 109,3 отсто.
Данокот на добивка во 2025 година изнесува 555,3 милиони денари, а нето-добивката за годината изнесува 5.077,3 милиони денари, или 3,1 отсто повеќе во однос на претходната година, се вели во информацијата објавена на Македонската берза.
„Нето-добивката е остварена во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, осцилациите на светските пазари како резултат на неизвесноста од воведените тарифи од страна на САД, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата. Домашната инфлација се задржа над проектираното ниво и на крајот од 2025 година достигна стапка од 4,1 % на просечна годишна основа“, посочуваат меѓу другото од Комерцијална банка.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 2,0 % повисока во однос на минатата година.
Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените останати приходи од дејноста (пред сè поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања во однос на претходната година) и зголемените нето-приходи од камати, a во помал обем и поради зголемените нето-приходи од курсни разлики и зголемените нето-приходи од провизии и надомести.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 9.083,5 милиони денари и бележат зголемување од 2,1 % во однос на минатата година. Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.12.2025 година истите бележат зголемување од 1,0 % во однос на минатата година. Планот е исполнет со 102,1 %.
Приходите по основ на камата се зголемени за 1,8 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата, а во помал обем зголемени се и приходите од нефинансиските друштва и државата, како резултат на зголемените пласмани.

Расходите по основ на камата се зголемени за 8,0 % поради зголемените орочени депозити, споредено со минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката со 31.12.2025 година изнесува 3,55 %, додека на крајот од минатата година истата изнесуваше 3,85 %.
Нето-приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2025 година изнесуваат 1.224,0 милиони денари и во однос на минатата година бележат зголемување од 2,7 % како резултат на зголемен обем на работење со клиентите, во услови на извршени значајни намалувања на надоместоците од страна на Банката. Имено, во услови на промена во моделот на работење на системот за порамнување на меѓубанкарските плаќања – МИПС и намалените надоместоци согласно измените во Тарифникот од НБРСМ кои се применуваат од август 2025 година, Банката изврши соодветно намалување на надоместоците за денарски платежни трансакции почнувајќи од 01.10.2025 година, кое се движи помеѓу 30 % за меѓубанкарските плаќања, до 100 % за интерните плаќања на 2 клиентите преку електронско банкарство. Планот за анализираниот период е остварен со 104,3 %.
Нето-приходите од курсни разлики на 31.12.2025 година изнесуваат 426,2 милиони денари и бележат зголемување од 13,1 % во однос на минатата година, како резултат на одржување на отворената девизна позиција на оптимално ниво кое овозможуваше остварување задоволителни приходи во услови на непречено исполнување на вкупните капитални барања, како и по основ на зголемен промет на девизниот пазар на Банката со клиенти правни и физички лица. Планот за анализираниот период е остварен со 134,9%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2025 година изнесуваат 1.288,5 милиони денари и бележат зголемување од 8,3 % во однос на минатата година, во најголем обем поради поголемиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања. Планот е остварен со 102,2 %.
Оперативните расходи за периодот 01.01. – 31.12.2025 година изнесуваат 2.789,7 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 2,4 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 99,1 %.
Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 31.12.2025 година изнесува 655,3 милиони денари и бележи намалување од 2,3 % во однос на минатата година кога изнесуваше 670,5 милиони денари. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.
Во периодот од 01.01. до 31.12.2025 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа во износ од 5,9 милиони денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.
Во делот посветен на Билансот на состојба се вели дека вкупната актива на Банката на 31.12.2025 година достигна износ од 192.528,1 милион денари и во однос на декември 2024 година бележи зголемување од 7,8 %. Зголемувањето на вкупната актива во најголем обем се должи на зголемените кредити на комитенти и зголемените парични средства, а во помал обем и поради зголемените вложувања во хартии од вредност. Планот е остварен со 102,6 %.
Паричните средства и паричните еквиваленти бележат зголемување од 8,2 %, во најголем обем поради зголемената состојба на благајнички записи во споредба со декември 2024 година согласно реализираната прва аукција во поголем износ од новата оперативна рамка од НБРСМ, како и поради зголемената состојба на средствата на задолжителните депозити во странска валута во НБРСМ, согласно последните измени на Одлуката за задолжителна резерва. Планот е остварен со 99,1 %.
Средствата за тргување бележат намалување од 83,3 %, главно како резултат на повеќе продадени од купени акции, а во помал обем и поради усогласување на портфолиото со пазарната вредност. Планот е остварен со 116,3 %. Финансиските средства по објективна вредност преку Билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 386,4 милиони денари, се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови кои се зголемени како резултат на пазарното вреднување на уделите на КБ Инвест балансиран и паричен.
Кредитите на и побарувањата од банки бележат намалување од 9,5 % како резултат на намалената состојба на орочените депозити со рочност од 3 месеци до 1 година во валута УСД. Планот е исполнет со 131,5 %.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 11,0 % како резултат на зголеменото кредитирање на секторите нефинансиски друштва и домаќинства. Планот е остварен со 105,1 %.
Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 3,1 %, како резултат на поголем износ на запишани од достасани државни записи во денари. Планот е остварен со 98,3%.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања бележат намалување од 60,0 % по основ на продажби на преземен имот и извршено редовно оштетување на дел од преземениот имот согласно регулативата од НБРСМ. Истите имаат незначително учество во вкупната актива.
Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) изнесуваат 164.760,6 милиони денари и бележат зголемување од 6,5 % во однос на декември 2024 година, во најголем обем како резултат на зголемените депозити на домаќинства. Планот е остварен со 101,9 %.
Обврските по кредити изнесуваат 3.400,0 милиони денари и во однос на декември 2024 година се зголемени за 133,4 % како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии.
Во извештајниот период се повлечени средства од кредитните линии: РБСМ – 9 транши од Унгарскиот кредит наменет за компании, кредитната линија GEFF III на ЕБОР (кредитна линија за енергетска ефикасност на домаќинства), кредитната линија GFF (Green Finance Facility) на ЕБОР за финансирање проекти кои овозможуваат поттикнување инвестиции на МСП во високи технологии и услуги кои ја поддржуваат зелената економија во државата, кредитната линија на Земјоделскиот кредитен дисконтен фонд – ИФАД 2 и од линијата за дигитализација, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија (ДИГ/ЕЕ/ОИЕ) преку РБСМ. Планот е остварен со 193,4 %.
И покрај значителниот пораст на обврските по кредити, истите остануваат и понатаму со мало учество од 2,0 % во вкупните обврски на Банката. Значителното надминување на планот се должи на повлекувањата за Унгарскиот кредит кои не беа вклучени во планските проекции бидејќи во периодот на изработката на истите не беа достапни релевантни податоци од надлежните институции.
Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.12.2025 година достигнаа износ од 23.078,2 милиони денари и во однос на декември 2024 година бележат зголемување од 10,6 % како резултат на зголемените останати резерви согласно Одлука за распределба на добивката за 2024 година, донесена од Собранието на акционери во април 2025 година, како и зголемената задржана добивка (во најголем дел нераспределена добивка за 2025 година). Во рамките на оваа позиција, на почетокот на септември 2025 година се евидентирани откупени сопствени акции на Банката по основ на правосилно судско решение за намирување на побарувањата од стечаен должник, во износ од 13,4 милиони денари. Истите се целосно продадени по пат на јавна понуда на почетокот од месец јануари 2026 година. Планот е реализиран со 101,9 %.
Во однос на очекувањата за претстојниот период, во Коментарот се вели дека макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2026 година се условени од сѐ уште неизвесниот и непредвидлив глобален амбиент, како и царините воведени од САД и нивните индиректни ефекти на македонската економија преку земјите од ЕУ.
Иако генералните очекувања се дека движењата на домашната економија ќе имаат позитивна насока, притисоците и неизвесностите во рамки на глобалната економија упатуваат на потребата од внимателен пристап во обликувањето на очекувањата за 2026 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република С Македонија, ММФ и Светската банка.
Исплатени дивиденди
Банката на 07.05.2025 година изврши исплата на дивидендата за 2024 година на акционерите иматели на обични акции кои се евидентирани во книгата на акции на 22.04.2025 година. Од вкупно пресметаната дивиденда за 2024 година во износ од 2.848.833.750,00 денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од 1.426.003.750,00 денари и на физички лица во износ од 1.422.830.000,00 денари. Износот на дивиденда по една акција е 1.250,00 денари, односно 125,0% во однос на номиналната вредност на акцијата.