Групата граѓани која деновиве протестира пред Управата за јавни приходи (УЈП), заради даночните решенија, денеска одржа прес-конференција на која посочија дека се сретнале со претседателката на советот на општината, Ивана Ѓорѓиевска и координаторите на осумте политички партии застапени во советот. Вчерашната средба ја оценија како конструктивна и кажаа дека детално ги информирале претставниците на различните политички партии за добиените даночни решенија, неможноста да добијат дел од доказите, дека не биле присутни во земјава повеќе од 183 дена, дека роковите за наплата течат.

-Побаравме од нив институционална поддршка и помош во изнаоѓање решение, затоа што нашите докази не се прифаќаат, а роковите и каматите течат. Предложивме нашиот проблем што поскоро да се стави на седница, може и со други точки да се разгледува. Свесни сме за ингеренциите на советот, но сакаме поддршка од нашите сограѓани. Имаше предлог да бидат присутни и претставниците од централната власт, кажаа Зоран Наковски и Жикица Миланов во име на присутните.

Вчера и општина Куманово информираше за средбата која ја оценија за конструктивна.