Најголемо поскапување има за паркирање во зоната А. Новите цени ќе бидат повисоки за 250%

Три месеци по локалните избори во Битола поскапуваат комуналните давачки за повеќе услуги. Корекции ќе имаат сметките за ѓубретарина, гробно место, паркирање, градинка и старски дом. Ова е денешната жешка тема на која се дискутира во Советот на Општина Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски вели дека едно семејство со станбен простор од 50 квадратни метри ќе добие повисока цена за комуналии од само 70 денари. А за корекцијата на цените за паркирање Коњановски даде симболичен пример -„Едно кафе на Широк Сокак е 120 денари, да не зборуваме дека 40 или 50 денари за паркинг е скапо. Сите сакаме колата да ни е до носот и да ја гледаме, обезбедувањето паркинг простор не е социјална категорија“, рече Коњановски и најави шест нови паркинг простори со над 150 места во Битола.

ЈП „Паркинзи“ предвидува паркирањето во А зоната да изнесува 50 денари на час, од досегашните 30 денари за два часа или 40 денари за три, а потоа секој час по 25 денари. Тоа е зголемување за 250 отсто по час.Паркирањето во Б зона ќе чини 30 денари на час, а досега беше 20 денари за два часа или 30 денари за 3 часа и секој следен по 20 денари. Ц зона 30 денари на час, а беше 30 денари дневно.

ЈП „Комуналец“ цената за подигање комунален отпад за станбен простор на физички лица од 2,80 денари за квадратен метар ја покачува на 4 денари, а за дворно место од 0,17 на 0,24 денари без ДДВ. За јавно зеленило за физички лица од 30 на 42 денари по корисник месечно. Гробното место ќе чини 24.500 денари.

Поскапуваат и цените на услугите во градинките ЈОУДГ „Пролет“ и „Мајски цвет“ во Битола. Така износот од 1.490 денари за надоместок за престој на едно дете се зголемува на 2.000 денари.

„Надоместок за престој на деца во детски градинки последен пат беше ажуриран во 2004 година кога минималната плата изнесуваше приближно 6.000 денари, а просечната нето плата приближно 15.000 денари. Од тогаш Македонија мина низ економски трансформации и структурни промени. Предложеното зголемување на 2.000 денари станува неопходно имајќи ги предвид, трошоците за храна, енергија, плати на вработените и одржување на градинките кои драстично се зголемија, што ги оправдува и надминува предложените 2.000 денари“, стои во образложението од градинките.

Се зголемува и цената во Домот за стари лица „Сју Рајдер“ Битола цената: за лица кои имаат делумна потреба од помош и нега 12.000 денари месечно или 395 денари дневна цена и -за лица кои имаат целосна потреба од помош и нега 15.000 денари или 493 денари дневна цена.

Дел од опозицијата побара повлекување на точките за корекција на цените во јавните претпријатија и установи во Битола, но не доби согласност од мнозинството.

„За триесет проценти ќе се зголемат цените за комуналии, градинките и старскиот дом, дури 300 проценти за паркинг услугите, не е соодветно тоа да им го направиме на нашите сограѓани. За моето четиричлено семејство  направив пресметка, ако се поскапи ‘Комуналец’ добивам 200 денари повисока сметка, детето ми оди во градинка тоа е плус 500 денари повисоки сметки, за 8 часа паркинг во еден месец добивам 300 денари повисока сметка, со инфлација од 5 отсто добиваме само за јануари 2.500 денари зголемени сметки. Не велам дека не треба некоја корекција на цените но таа да биде со разумен процент“, рече советникот Димитар Кузмановски од ЛДП.

Опозициската СДСМ најави дека нема да гласа по точките за корекција на цените со образложение дека оправдувањето на власта дека цените на услугите не се коригирани долго време е неприфатливо.

Опозицијата побара шестмесечен план од јавните претпријатија за да дадат отчет како ќе ги намалат загубите од изминатите четири години.

„Во изборната кампања не спомнавте дека еве штом ќе дојдеме на власт прво што ќе направиме ќе биде зголемување на цените. Потребно е да побарате одговорност од директорите на јавните претпријатија, а не корекција на цените со цел претпријатијата да излезат од негативните состојби кои ги имаат моментално“, рече Александар Дракуловски од СДСМ.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски пред советниците кажа дека состојбата во јавните претпријатија во Битола и долговите се одраз пред сѐ на енергетската криза, зголемувањето на платите согласно зголемувањата на минималната плата, а неопходно е и вложување, односно инвестиции во механизација во јавните претпријатија, кои во новата градежна сезона ќе бидат вклучени во дел од проектите кои ги доби општина Битола од Владата.