Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ги образложи деталите околу новиот систем за нивелирање на платите во државната администрација, потенцирајќи дека со него се обезбедува раст на платите до 2028 година, без да се создаваат обврски за идната влада. Тој истакна дека Владата е одговорна и подготвена да ги регулира односите со вработените преку нови гранкови договори, додека Синдикатот на Службениците (ССМ) сè уште не го прифатил предложениот модел.
„Јас кажав, ако е 30.000 денари просечната плата на секој вработен административец, тогаш беше за 4 години, сега е за 3, бидејќи до 2028. Ние не сме како претходната влада да преземаме обврски кои ќе бидат на некоја следна влада. Може би ние ќе продолжиме да бидеме, може би некој друг ќе биде, но не сакаме после 2028 година да преземаме обврски, бидејќи сме одговорна влада и велиме вака. Ако е 30.000 денари просечната плата, сега во април за мартовската плата, ќе имаме нивелирање за минималната плата којашто ќе се зголеми. Да претпоставиме дека таа ќе се зголеми за 1.500 денари. Тогаш овие 30.000 денари плус 1.500 денари, зголемени за 8%, ќе дадат збир X. Следната година, април 2027., тие X плати повторно ќе се зголемат за минималната плата, да претпоставиме дека ќе биде повторно 1.500 денари. Тогаш ќе добиеме X плус тие 1.500 денари, зголемени за нови 8%, и ќе добиеме Y плати. Третата година, април 2028., овие Y плати повторно ќе се зголемат за минималната плата од 1.500 денари и сето тоа ќе се зголеми повторно за 8%, и ќе добиеме Z плати. Овие Z плати ќе бидат за минимум 40% повеќе од 30.000.
Ние имавме еден услов, рековме во колективниот договор, делот кај што стојат платите да го избришеме и во овој период од 3 години да го испреговараме. Доволен период имаме од 3 години да постигнеме договор. А во меѓувреме имаме колективен договор, имаме 95% од вработените коишто се дел од одговорностите на владата како работодавач, и со тоа владата со своите вработени си ги регулирала односите до 2028 година. И со тоа ние сме завршиле. Остануваат сега уште овие 7.787 вработени, ако не се лажам, од вкупната државна администрација.
Еве ова не сакаше да го потпише ССМ, велеше вака: како сега ние ќе се откажеме од општиот колективен договор, тој дел, кога ние сме го потпишале со Тренчевска. Јас велам, вие не се откажувате. Важењето на општиот колективен договор останува во важност до носење на друг. А ние, ако го избришеме делот на платите, којшто е дел од општиот колективен договор и е збунувачки, може да се толкува и вака и така, ќе се повикаме на овој нов гранков договор, којшто ќе го потпишеме со синдикатите гранкови за државната администрација. И во рок од тие три години ќе испреговараме дел, којшто ќе биде повторно дел од општиот колективен договор. И тие тоа не го прифаќаат. Како викаат, сега сме го потпишале, тоа е добро, а како сега ние самите себе ќе се грижиме. Тоа не е мојот проблем. Јас нудам решение. Ако ние не сме доволно зрели како општество, да за три години не потпишеме, односно за помалку од три години, тогаш не сме зрели ни за држава. Ама јас мислам дека сме зрели“, вели Мицкоски.