На средба со фармерите министерот за земјоделство ветил исплатата на субвенции за сите гранки
На средбата што сточари од Пелагонија ја остварија со министерот Цветан Трипуновски им било кажано дека субвенциите ќе почнат да се исплаќаат за околу две недели и дека првите што ќе бидат исплатени ќе бидат лозарите пред празникот Свети Трифун, изјави за „Независен“, Тони Петковски-Паша, сточар од Велушина, претседател на здружението „Пелагонско поле“ .
Петковски вели дека исплатата на субвенциите треба да почне по изгласувањето на програмите на МЗШВ од страна на Владата за тековната 2026 година. Односно тоа ќе се случи пред 15 февруари, а први за исплата ќе бидат лозарите.
„Имавме конструктивна средба со министерот Цветан Трипуновски, при што на прашањето кога ќе ги добиме заостанатите субвенции по сите основи и гранки не само за сточарите, ни беше ветено дека средствата ќе почнат да се исплаќаат по 10 февруари откако ќе се донесат програмите на МЗШВ во Владата. Лозарите први ќе добијат субвенции, по нив ќе земат и сточарите, тутунарите, градинарите, оризарите, и се што е заостанато“, ни изјави Петковски.
На 28 јануари сточари од Пелагонија остварија средба со министерот Трипуновски при што без да се дадат детали од разговорот министерот објави дека „секој предлог е добредојден, секоја сугестија е важна. Нашата цел е поддршка на земјоделците кои произведуваат и придонесуваат за развој на домашната економија“.
Што се однесува до проблемот на сточарите со намалувањето на цената на суровото млеко од страна на млекарниците, министерот Цветан Трипуновски им ветил на сточарите дека ќе оствари средба со млекарниците и ќе бара корекција на цената на суровото млеко во интерес на сточарите. Млекарниците во изминатиот период ги информираа сточарите и тоа го остварија дека цената на суровото млеко ќе ја намалат за еден до два денари по литар, така што и со претходното намалување од есента, цената на суровото млеко реално падна на 25 денари по литар кај ситните фармери, иако таа цена лани беше од 27-28 денари по литар, додека кај покрупните фармери цената на суровото млеко падна на 30-31 денари од претходните 33-34 денари по литар.
„Во имато на сите сточари седнавме на маса со министерот со цел да го образложиме нашиот проблем, а тоа е во континуитет падот на цената на суровото млеко. Министерот даде ветување дека ќе договори средба со млекарниците и ќе побара корекција на цените на суровото млеко, така што просечната цената да биде 30 денари плус 6 денари премија од државата, значи по 36 денари во просек за литар сурово млеко, па да можеме некако да опстојуваме со фармите. Дали на средбата со млекарниците ќе бидат поканети и сточари не знаеме“, изјави Петковски за „Независен“.
Конкртено за доисплатата на премијата за млекото за 2025 година, Петковски вели дека лани во јуни дел од одгледувачите на крави зеле премија за јануари и февруари 2025 , а дел за трите месеци вклучително за март. Сега министерот ветил дека оние сточари што добиле премија за два месеци сега ќе добијат за плус 4 месеци, а оние што добиле за три, за наредните три месеци, или конкретно сите сточари ќе бидат исплатени за примијата заклучно со месец јуни 2025 година.
Инаку, субвенции се најавуваат и за дел од одгледувачите на овци кои останаа недоисплатени пред Нова година, ќе се исплатата и козарите за 2024 година, и други субвенции што ги засегаат сточарите во изминатиот период.
Средбата на фармерите со министерот Трипуновски следеше откако сточарите јавно реагираа преку медиумите дека заради долго време неисплатени субвенции во сточарството, тешката економската состојба на фармерите се распродаваат крави и се затвораат фарми.