Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави нов финансиски пакет во вредност од 100 милијарди турски лири (1,95 милијарда евра) за поткрепа на производствениот сектор на Турција, информира веб-порталот „Хаберлер“.
„Би сакал да споделам позитивни вести кои ќе ги ублажат предизвиците со кои се соочуваат нашите производствени претпријатија при обезбедување финансиски средства.
Стартуваме пакет за финансирање од 100 милијарди лири со поволни услови.
Ќе биде понуден шестмесечен одложен рок за отплата на главнината, како и период на враќање на средствата до 36 месеци“, истакна Ердоган вчеравечер по владината седница.
Во својот говор, Ердоган додаде дека во рамките на оваа програма, секоја компанија ќе може да добие кредити до 50 милиони лири (приближно еден милион евра).