Управата за јавни приходи (УЈП) информираше дека денеска е почната исплатата на средства од „МојДДВ“ за скенираните фискални сметки за четвртото тримесечје од 2025 година.
– До денес реализирани се 184,5 милиони денари кон 104.000 корисници на апликацијата „МојДДВ“. Исплатата на средствата продолжува, како се обработуваат налозите, така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на „МојДДВ“ – велат од УЈП.
Тие напоменуваат дека во овој момент 5.292 корисници, кои скенирале фискални сметки, имаат внесено погрешна трансакциска сметка поради што не се во можност да ја реализираат исплатата.
– Доколку немате добиено средства, проверете ги и ажурирајте ги податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата „МојДДВ“. На тој начин УЈП ќе има точни податоци за корисникот и ќе може да изврши исплата на поврат по основ на „МојДДВ“ – апелираат од Управата за јавни приходи.
За минатото тримесечје, односно за периодот од јули, август и септември 2025 година, УЈП доцнеше со исплатата на парите од „МојДДВ“ а дел од граѓаните кои летово скенирале фискални сметки, не ги добија парите во предвидениот рок. Ваква ситуација, парите да бидат исплатени делумно и само на некои граѓани, досега не се случила од воведувањето на проектот со кој дел од парите дадени за даноци, директно се враќаат кај граѓаните.
Од УЈП тогаш информираа дека повратот на пари од мерката во третиот квартал од 2025 година продолжува, односно не е прекинат ниту откажан. Околу доцнењето на исплатата, велат дека имало технички проблем.
Според директорката на УЈП, Елена Петрова, мерката „МојДДВ“ „не го дала посакуваниот ефект“, но не е разговарано за укинување на истата.
„Ако од тој аспект сакаме да ја процениме мерката, состојбите кои што ги гледаме на терен и состојбите кои што можеме да ги забележиме и внатре, врз основа на сите податоци со кои што располагаме, јасно водат до заклучок дека мерката не го дала посакуваниот ефект“, додаде Петрова.